Македонија официјално има стапка од 15 отсто, исто како за Европската унија, којашто склучи трговски договор само пред три дена, на 27 јули. Првично објавената царинска стапка за македонските стоки од месец април, изнесуваше 33 отсто, што значи дека новата стапка е повеќе од двојно пониска, јави Блумберг Адриа.
Трамп објави минимална глобална царинска стапка од 10 отсто, додека за земјите со коишто САД имаат значителен трговски дефицит, како што изјави, ќе има стапка од 15 отсто па нагоре.
Од европските земји најсилно е погодена Швајцарија, со стапка од 39 отсто, додека од регионот Адрија, Србија ќе има стапка од 35 отсто, Босна и Херцеговина од 30 отсто, а Хрватска и Словенија, како членки на ЕУ, имаат царина од 15 отсто. Црна Гора и Албанија, како и сите останати земји коишто не се наоѓаат на списокот на земји наречен од Белата куќа, Анекс 1, ќе имаат пониска стапка, од 10 отсто.

Од позначајните трговски партнери на САД, Канада доби висока царинска стапка, од 35 отсто, Тајван од 20 отсто, Израел од 15 отсто, Јужна Африка од 30 отсто, Венецуела од 15 отсто, економиите од југоисточна Азија Камбоџа, Малезија и Тајланд добија 19 отсто, додека Лаос и Мјанмар високи 40 отсто.
Новите американски царини, ќе стапат во сила на 7 август, а не на 1 август, со цел да се обезбеди повеќе време за нивно спроведување спроведување на новите царини.






