Трајков истакна дека ова не е само европска обврска, туку суштинска потреба за создавање праведно и инклузивно општество.
„Со денешната Конференција сакаме да ја истакнеме главната цел – да ги засилиме нашите заеднички напори за целосно интегрирање на родовата перспектива во евроинтегративниот процес“, нагласи Трајков во воведното обраќање.
Таа потенцираше дека Владата останува цврсто определена кон унапредување на родовата еднаквост во сите сфери на општеството, во согласност со европските стандарди.
Според неа, родовата еднаквост не е само демократска вредност, туку предуслов за економски развој, силни заедници и општество без стереотипи.
„Родовата еднаквост е клучна за демократските процеси. Таа го забрзува економскиот развој, создава поинклузивни и покохезивни заедници, гради општество во кое се рушат стереотипите, а младите се стимулираат да веруваат и да создаваат амбиент на заемна почит, соработка и разбирање – општество на можности. Без економско и социјално зајакнување на жените не може да се постигне вистинска одржливост и благосостојба“, рече таа.
Во своето обраќање, таа се осврна и на напредокот што земјата го постигнува, вклучително и изборот на првата жена-претседателка, што, како што рече, „ги руши табуата дека врвните државнички позиции се недостапни за жените“.
„Гласот на жените сè повеќе се слуша, а нивниот огромен потенцијал мора да биде препознаен и признаен. Ние ја знаеме нашата домашна задача – цврсто и упорно да работиме на напредокот во областа на родовата еднаквост на патот кон евроинтеграциите, не само како обврска, туку пред сè како израз на нашата определба за создавање општество кое ќе обезбеди еднакви права и можности за сите“, дополни таа.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во своето обраќање на конференцијата рече дека Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард кој го прифаќаме не само затоа што мораме, туку затоа што веруваме во држава која нема привилегирани и непривилегирани граѓани.
„Во Европската унија, родовата еднаквост не е споредна тема, туку темелна вредност вградена во европското право, предуслов за демократско општество, силна економија и кохезија меѓу граѓаните. Напредокот во ова поле е правна обврска за секоја држава што сака да биде дел од Унијата, но и интелигентна инвестиција во стабилен, инклузивен и одржлив развој. Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард. И ние тој стандард го прифаќаме не само затоа што мораме, туку затоа што веруваме во држава која нема привилегирани и непривилегирани граѓани. А токму Министерството за енергетика и минерални суровини денес е позитивен пример за тоа, со родов баланс 50 наспроти 50 покажуваме дека институциите можат и мораат да бидат двигател на еднаквоста“, истакна министерката.
Таа нагласи дека затоа денеска говорат и за енергетиката, сектор кој не е само технички систем или економска гранка, туку политички столб на европската интеграција.
„Зелената агенда, Енергетската унија и Поглавје 15 Енергетика не се делови од преговарачки поглавја, туку механизми низ кои ја обезбедуваме иднината на нашата економија и нашата независност. Но, токму во овој стратешки сектор, жените се најмалку застапени, во техничките професии, во креирањето политики, во иновациите и во лидерството. Тоа не е само прашање на неправда, тоа е ограничување на нашата способност да ја водиме зелената транзиција со целосниот човечки потенцијал што го поседуваме“, рече Божиновска.
Таа додаде декла родовата перспектива во енергетиката мора да стане норма, затоа што преку неа се обезбедува инклузивен зелен раст, правичен пристап до енергетски услуги, намалување на енергетската сиромаштија која најчесто ги погодува жените, самохраните родители, руралните домаќинства и старите лица, како и праведна транзиција усогласена со највисоките европски стандарди.
„Нема фер транзиција ако не ја земеме предвид реалноста на оние што се најмногу засегнати од енергетските кризи, климатските промени и растечките трошоци. Министерството за енергетика е целосно посветено принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување да станат составен дел од сите енергетски реформи. Тие ќе бидат интегрирани во Националните енергетски и климатски планови, во законодавството за обновливи извори, во програмите за енергетска ефикасност, како и во секоја инвестиција поддржана од европските инструменти. Ова значи изградба на енергетски систем кој е стабилен, европски и праведен“, рече Божиновска.
Додаде дека во таа насока особено ја вреднуваат соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи. Овие наоди, појасни Божиновска, овозможуваат пристап до податоци и факти кои се неопходни за сериозни политики, подобро разбирање на разликите во пристапот до енергетски ресурси, препознавање на бариерите за учество на жените во зелени работни места и STEM професии, како и идентификација на ранливостите во климатските мерки.
„Зелената транзиција не може да успее без еднакво учество на жените. Нашата посветеност е јасна, ќе го зголемиме учеството на жените во компаниите за обновлива енергија, во проектите за модернизација на електричната мрежа, во иновациите, во дигиталните технологии и во лидерските позиции на јавните институции и регулаторите. Европа гради систем во кој секој добива шанса да придонесе, и ние мораме да бидеме дел од таа визија. Нашата институционална посветеност е целосна. Работиме со Министерството за европски прашања, со UN Women, со Државниот завод за статистика за обезбедување податоци, со општините и со граѓанскиот сектор, затоа што енергетската политика не се креира во изолација, таа се креира преку партнерство, транспарентност и широк општествен консензус. Особено значајна ќе биде примената на родово одговорно буџетирање во програмите за поддршка на ранливите домаќинства, затоа што политиките немаат вредност ако не стигнат до оние што им се најпотребни“, истакна Божиновска.
Министерката нагласи и дека чувството на рамноправност не доаѓа автоматски – туку се гради. Додаде дека технички и традиционално машки доминиран сектори како енергетиката, жената многу почесто мора „двојно“ да се докажува за нејзиниот глас да биде слушнат.
„Она што мене ми помогна во градење на мојата кариера во енергетиката е и поддршката од луѓе кои веруваа во мојот потенцијал. Тоа прави огромна разлика – и затоа денес кога сум на лидерска позиција, сметам дека моја обврска е да ја отворам вратата за другите жени. Најважно е институциите да создадат фер и транспарентни правила, јасни критериуми за избор и напредување и механизми што ги спречуваат бариерите кои традиционално ги ограничуваат жените во кариерата. Ако системот е праведен, талентот доаѓа до израз. Истовремено и бизнис-заедницата мора проактивно да ги отвора вратите. Тоа подразбира менторски програми, професионални обуки, охрабрување на жените да влезат во управни и надзорни одбори и создавање услови каде жените можат да водат сложени проекти. И секако, не помалку важно е дека мораме да ја менуваме општествената перцепција. Жени-лидери треба да бидат видливи, истакнати и поддржани, затоа што примерите инспирираат. Кога девојките гледаат успешни жени во технички, управувачки или претприемачки улоги, тие знаат дека и самите можат да стигнат таму“, порача Божиновска.
Таа на крајот од своето обраќање упати јасен повик дека родовата еднаквост мора да биде интегрирана од самиот почеток во секое поглавје, од владеењето на правото до животната средина, од образованието до социјалната политика и енергетиката. Тоа не е дополнителна компонента, рече таа, туку критериум за европеизација на државата.
Конференцијата што денеска се одржа во Скопје беше посветена на улогата на родовата еднаквост како клучен елемент во процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија. Настанот ги обедини институциите, експертите, меѓународните организации и граѓанскиот сектор со цел да се разгледаат предизвиците, обврските и можностите за интегрирање на родовата перспектива во сите фази од евроинтеграциите.






