Настанот се организираше под глобалната тема „Права, правда, акција. За сите жени и девојки“ и претставува платформа за дијалог меѓу институциите, академската заедница, граѓанските организации и младите, со цел поврзување на законските обврски со нивната практична примена и реалното влијание врз животот на жените и девојките. Во рамки на првиот панел „Родова еднаквост и пристап до правда во процесот на пристапување кон ЕУ: правни обврски и институционална практика“ се дискутираше за усогласувањето со европското законодавство, имплементацијата на Истанбулската конвенција и предизвиците во обезбедувањето ефективен пристап до правда.
Трајков нагласи дека доследната примена на Истанбулската конвенција претставува клучен индикатор за институционалната подготвеност на државата во процесот на европска интеграција.
„Конвенцијата не е само меѓународна обврска, туку конкретна рамка за системска превенција, заштита и гонење на насилството врз жените. Нејзината имплементација значи функционални институции, координирани политики и систем што ја става жртвата во центарот на заштитата. Тоа е суштината на владеењето на правото“, истакна Трајков.
Таа потенцираше дека европската интеграција не се мери само преку усогласени закони, туку преку нивната ефективна примена и реалните резултати на терен. –
„Вистинскиот напредок се гледа тогаш кога секоја жена има сигурен пристап до правда, кога институциите реагираат навремено и без предрасуди и кога системот обезбедува долгорочна заштита и поддршка“, рече заменик-министерката.
Како што посочи, потребно е женско лидерство – лидерство кое носи перспектива на инклузивност, емпатија и одговорност. – Кога жените учествуваат во процесите на одлучување, политиките стануваат поодговорни и поодржливи. Младите жени денес треба да гледаат систем што ги охрабрува, а не ги ограничува. Треба да гледаат дека нивниот глас е вреден, дека нивната експертиза е потребна и дека нивното лидерство е признаено – порача Трајков.
Настанот има цел да поттикне конструктивна размена на ставови и да придонесе кон зајакнување на институционалните механизми за заштита на женските права и унапредување на женското лидерство во процесите на донесување одлуки.






