,,Евроинтеграциите за нас значат прогрес, значат подобар живот, значат европски вредности. А токму Берлинскиот процес и Реформската агенда се во насока на промоција на тие европски вредности, кон кои се стремиме и кои се заедничка мисла-водилка за сите земји од Западен Балкан. Токму Берлинскиот процес и Реформската агенда се мостовите на заедништво, на сплотеност на земјите од регионот кои ќе ни помогнат да станеме подобри, поконкурентни и на крајот од денот-посилни “порача Трајков.
Заменик-министерката рече дека Берлинскиот процес, како и Реформската агенда на нашата земја се во насока на зајакнување на регионалната интеграција, економскиот раст и инфраструктурното поврзување меѓу земјите од регионот.
,,Како одговорна Влада, за нас еден од врвните приоритети е доследна примена на обврските кои произлегуваат од Берлинскиот процес и од Реформската агенда, кон чија имплементација сме се обврзале. Но, не само како обврска, туку и како потреба. Тоа е шанса за наше регионално економско, социолошко и културолошко обединување, преку кое ќе ги согледаме нашите слабости, но и ќе ги претвориме во можности. Тоа е и шанса побрзо да се доближиме до ЕУ преку спроведување на европските стандарди и вредности “додаде Трајков.
Таа потенцираше дека периодов Владата е фокусирана на исполнување на 29 чекори до крајот на годинава во областите на јавен финансиски менаџмент, реформа на јавната администрација, енергетика, дигитална транзиција, развој на бизнис секторот и реформи во областа на владеење на правото. Со исполнување на овие чекори, ќе се ослободат дополнителни 134 милиони евра за нашата земја.
Европската Унија не поддржува во нашите напори да станеме подобри, поуспешни и поконкурентни! Затоа, да ги искористиме можностите, да ги вложиме сите наши капацитети, потенцијали, луѓе и заедно да ја оствариме нашата стратешка цел која трпеливо ја чекаме веќе две децении. Можеме и мораме-заедно, обединети, сплотени-за нас, за нашите млади луѓе, за идните генерации да ја донесеме Европа-дома-заклучи заменик-министерката за европски прашања.






