Тошковски, кој одговараше на прашања поврзани со пожарот во Кочани, рече дека истрагата е во тек, и оти допрва ќе се знае колку лица ќе бидат опфатени од процесните дејствија од обвинителството и МВР.
Пратениците Миле Талевски од СДСМ и Блерим Беџети од ДУИ поставија неколку прашања поврзани со истрагата за пожарот во Кочани обвинувајќи за селективност, меѓу другото и одговорните во ОВР Кочани и СВР Штип кои вечерта биле на работа не се опфатени со истрагата. Тие исто така го повикаа Тошковски да поднесе оставка од морални причини.
Во одговорот до Талевски од СДСМ, Тошковски кажа дека му било срам да го слуша бидејќи бесрамно ја манипулира македонската јавност со факти кои се лага, со закони кои не постојат и членови кои се однесуваат на друга фактичка состојба се со цел на гневот и на бесот на македонските граѓаните политички да профитираат.
„Јас ќе говорам врз основа на факти врз основа на истрагата без да манипулирам никого особено не македонската јавноста. Факт број еден – знаете колку кривични пријави поднесе МВР и против колку луѓе за трагичната несреќа во Тетово за Модуларната болница – 0, знаете против колку луѓе поднесоа кривични пријави – против 0, знаете колку кривични пријави се поднесени за трагичната несреќа во која загинаа 45 луѓе во Бугарија во ваше време – 0, знаете колку кривични пријави има за Ласкарци 0. МВР во овој предмет (Кочани) досега процесуираше две кривични пријави против 34 физички лица од кои 31 во моментов се во притвор каде што има членови на СДСМ, на ВМРО- ДПМНЕ, на ДУИ и ниеден од нив не е во оваа постапка заради тоа што е член или не е член на одредена партија заради тоа што Министерството и во соработка со ЈОРМ односно спровело наредба каква што дало ЈО туку заради тоа што досега до овој момент се обезбедени докази за степен на основи на сомнение врз основа на коишто може да се процесуира кривична пријава. 34 физички лица, три правни лица досега“, рече Тошковски.
Министерот потенцира дека истрагата е во тек и оти допрва ќе видиме колку ќе бидат опфатени откако ќе се спроведат сите процесни дејствија од обвинителството и МВР.
Талевски праша како е можно да не бидат предмет на истрага функционери кои вечерта биле на функции, а не презеле никакви мерки за спречување или заштита во дискотеката во Кочани, а меѓу нив и Томо Донев, началникот на криминалистичката полиција на Кочани. Според него, Донев бил близок до ВМРО-ДПМНЕ за што покажа фотографија на која се гледа дека тој е во партиски штаб.
Министерот кажа дека за Донев веќе се води дисциплинска постапка од внатрешната контрола во МВР.
„Во однос на неговото присуство за разлика од претходно кога вашите ги наградувавте со медаљи кога присуствуваа каде ќе стигнеа, сега се води дисциплинска постапка во рамки на МВР и за повредата која ја сторил ако ја сторил и ако има доказ кој би го поврзале со фактот дека истиот е член или активно придонесува во рамки на некоја пшолитичлка партија соодветно ќе постапува за разлика од претходно“, рече Тошковски.
На прашањето на Блерим Беџети во врска со Кочани, министерот за внатрешни работи рече дека МВР работела во координација и по наредбата на обвинителството. На прашањето за лиценцата и за тоа кој го држел овој бизнис отворен, Тошковски со контра прашање колку години функционери на ДУИ биле министри во Министерството за економија.
„Кој го држел овој бизнис отворен, освен што сте правник и висок функционер на политичка партија во Македонија не знам колку години 15-20 управуваше со тоа министерство. Колку години јас не памтам? Не ни памтам дека друг министер управувал со тоа министерство. И сега кој го одржел бизнисот со лиценците, незаконитостите со лиценците и сето она што е незаконски поврзано со Министерството за економија мене ме прашувате“, рече Тошковски.
Додаде дека тој како министер нема да ја осуети постапката по ниту еден основ, но исто така повтори и дека „брат да му е ќе одговара“.
Талевски од СДСМ го праша Тошковски за притворениот припадник на МВР од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски осомничен за тргување со информации.
„Дојде време кога секој што се огрешил да одговара без разлика дали е градоначалник од ВМР, дали е градоналник од СДСМ без разлика дали е министер од ДУИ, што во ваше време беше незамисливо. Не можевте во очи да ги гледате, а не по случајно за нив процес да се води, рече Тошковски
Во однос на случајот со членот на обезбедувањето на Мицкоски, министерот рече дека за прв пат има процесна постапка, сега во фаза на основи на сомнение, иако е фатен на дело, за што Одделот за внатрешна контрола поднел кривична пријава.
„Одделот за внатрешна контрола постапува во врска со полициски службеници. Таргети во конкретната акција беа тројца полициски службеници – едниот близок наводно до една политичка партија на власт, другата до политичка партија и високи фукционери во рамки на претходната власт итн, итн. Битно е народот да види надеж дека има некој кој што сака го спроведе законот еднакво за сите. И многу ми е жал што вашиот ментален склоп не може тоа да го сфати“, рече Тошковски.
Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашање од пратеникот Блерим Беџети од ДУИ, истакна дека Јавното обвинителство ќе се произнесе во следниот период за истрагата за пожарот во Кочани и истакна дека во изјавите никогаш не се изразил за да осуди некого. Апелира да се почека на исходот и тогаш да се направи заклучок дали имало селективност или не и дали некој друг функционер ќе биде осомничен.
Беџети на денешната седница за прашања од опозициски пратеници, во прашање до претседателот на Владата, рече дека „сега главните виновници остануваат недопирливи, а веќе ги објавил имињата на осомничените наместо обвинителот“.
„Владата ни вели дека правда ќе има, но вистинската правда треба да произлегува од судството, не од политички прес-конференции. Како може Владата да претендира дека ги прави независно истрагите, кога Вие како премиер изјавивте дека документите на локалот се фалсификувани, пред судството да донесе одлука“, рече пратеникот Беџети.
Премиерот Мицкоски кажа дека истрагата е во тек и оти очекува јавното обвинителство наскоро да изнесе нови детали и ќе каже кога истрагата завршила и ги отфрли наводите во прашањето дека влијаел врз истрагата.
„Истрагата е сè уште во тек, колку што сум информиран од страна на МВР коешто претпоставувам по службена должност комуницира со ЈО и во рамките на таа истрага, претпоставувам дека ќе има и нови елементи или ќе нема, ЈО ќе се произнесе во периодот што следува. Јас никогаш не се изразив така како што вие велите, кого било да осудам предвреме, иако ние како политичка партија, јас лично и голем дел од нас, знаат што значи да се биде жртва на такви политички квалификации, сме го почувствувале тоа во изминативе 7-8 години, знаеме точно како изгледа сето тоа и не би сакале никому да го правиме тоа, бидејќи за нас важи едно правило: не им го прави на луѓето тоа што не сакаш тебе да ти го прават“, рече премиерот Мицкоски во одговорот на прашањето.
Тој напомена дека се оградувал во изјавите и повтори дека постои фалсификуван документ, лиценца, за истиот клуб во кој се случи овој трагичен настан и дека при проверка во архивата на Министерството за економија и труд се констатираше дека под тој архивски број заведен е поинаков документ.
Мицкоски напомена дека во периодот кој го истражуваат обвинителите од 2008 па наваму министри за економија биле без прекин предлози на Демократската унија за интеграција.
„Јас не би сакал да алудирам или да зборувам повеќе од ова. Да почекаме, да видиме и да направиме тогаш заклучок дали било селективно или не, дали некој друг полициски функционер ќе биде осомничен. Само тогаш ве молам, немој повторно да обвинувате или да инсинуирате или да испраќате пораки какви што испраќате во континуитет“, рече премиерот во одговорот на пратеничкото прашање на Блерим Беџети.
Беџети на почетокот на седницата го критикуваше и отсуството на министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и побара во иднина да го обезбеди негово присуство, за да како што нагласи, го испочитува Собранието кога се поставуваат пратенички прашања.