петок, 16 јануари 2026

Тошковски во Унгарија по искуства како функционира системот „Безбеден град“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, реализираше билатерална посета на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на конкретни искуства и добри практики, информираа од МВР.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти МВР, во рамки на посетата, министерот Тошковски остварил билатерална средба со министерот Пинтер, на која биле разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни предизвици. Министерот Пинтер го истакнал значајниот и конкретен придонес што Македонија го дава во спречувањето на илегалната миграција, нагласувајќи дека улогата на македонската полиција е од суштинско значење за безбедноста на Европа.

„Посебно внимание беше посветено на искуствата на Унгарија во воспоставувањето и примената на системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на тековната имплементација на системот ‘Безбеден град’ во Македонија. Во таа насока, беа разменети мислења за практичните аспекти, институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики“ истакнал министерот Тошковски.

Во делот на борбата против трговијата со дрога, биле презентирани законските и институционалните решенија што Унгарија ги има спроведено во областа на кривичното санкционирање, при што беа споделени искуства за влијанието на построг и појасен казнен пристап врз сузбивањето на организираните нарко мрежи и зајакнувањето на превенцијата.

Во рамки на посетата била потпишана Декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници помеѓу Центарот за обука на МВР и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвораат можности за долгорочна и практична размена на знаења и искуства. Воедно, била упатена покана унгарскиот центар да се приклучи кон Регионалната асоцијација на центри за обука и полициски академии на Југоисточна Европа, формирана на иницијатива на македонското МВР.

Министерот Тошковски остварил и работна средба со директорот на унгарското Национално биро за истраги, Арон Јенеј, на која биле разменети искуства за институционалната поставеност, оперативните модели и пристапите во сузбивањето на најсериозните форми на организиран криминал. Дополнително, била реализирана и средба со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора, со фокус на системот за управување со кризи, меѓуинституционалната координација и практичните искуства во справувањето со катастрофи.

„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива“, потенцирал министерот Тошковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ