Од Министерството за внатрешни работи велат дека во рамки на дијалогот, Министерството става силен акцент на зајакнување на граничната безбедност, борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција и трговијата со дрога, како и унапредување на разузнавачката соработка со партнерските служби.
„Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави е важен процес што носи конкретни резултати за безбедноста на нашите граѓани. Преку ова партнерство обезбедуваме посигурни граници, поефикасна борба против криминалот и модерни, отпорни институции“, истакнал министерот Тошковски.
Од Министерството додаваат дека особено значајна е поддршката од страна на САД во износ од над 3,5 милиони долари, наменета за јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, што претставува директна инвестиција во безбедноста на државата, а паралелно, се работи и на унапредување на сајбер безбедноста преку техничка поддршка, обуки и модернизација на системите, со цел поефикасна заштита на институциите и критичната инфраструктура.
„САД остануваат најважен стратешки партнер на државата и силен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и демократските капацитети“, додаваат од МВР.






