петок, 27 март 2026

Тошковски: Психофизичката подготвеност е основа на професионалноста во полицијата

Психофизичката подготвеност на припадниците на безбедносните институции претставува основа на нивната професионалност и е клучен фактор за ефикасно функционирање на безбедносниот систем – истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на научно-стручната конференција „Психофизичка подготвеност на припадниците на безбедносните институции во Република Македонија“.

Објавено на

часот

Сподели

Тошковски нагласи дека без оглед на опремата, законските решенија и оперативните капацитети, „системот го носат луѓето“, а нивната подготвеност е предуслов за успешна реализација на сите реформи и стратегии.

Тој посочи дека полициските службеници работат во динамични, непредвидливи и често стресни услови, од интервенции при нарушен јавен ред и мир, до обезбедување настани со висок ризик и постапување во сообраќајни незгоди со сериозни последици. Во такви ситуации, како што рече, одлуките се носат брзо и под притисок, а нивното влијание врз безбедноста на граѓаните е директно.

„Психофизичката подготвеност не е дополнителна вредност, туку основа на професионалноста. Таа значи способност да се остане прибран под стрес, да се реагира рационално, да се издржи физичкиот напор и да се зачува интегритетот во секоја ситуација“, истакна министерот.

Тошковски најави дека Министерството за внатрешни работи продолжува со системски пристап во развојот на кадарот – од селекција и обука до континуирана поддршка во текот на кариерата. Во таа насока, тој го издвојува повторното воспоставување на средното полициско училиште по повеќе од две децении, кое, како што рече, ќе биде темел за развој на дисциплина, физичка подготвеност, психолошка стабилност и чувство за служба кај идните генерации полицајци.

Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Игор Неделковски, најави дека УКЛО ќе продолжи да ја продлабочува соработката со безбедносните институции и да развива современи форми на стручно усовршување.

Неделковски нагласи дека Факултетот за безбедност – Скопје, како дел од универзитетското семејство, има значајна улога во развојот на научните и стручните капацитети во областа на безбедноста.

Според деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Јонче Ивановски, психофизичката подготвеност на кадрите во безбедносниот сектор претставува еден од најважните фактори за стабилноста, функционалноста и оперативната ефикасност на безбедносните институции.

Ивановски рече дека академската соработка е неопходна, затоа што оваа област бара синергија меѓу науката, практиката и институционалните политики. Додаде дека психофизичката подготвеност не се сведува само на физичка кондиција, туку подразбира и психолошка стабилност, отпорност на стрес, способност за брзо донесување одлуки и професионално постапување во сложени и ризични ситуации.

„Верувам дека денешната конференција ќе овозможи плодна размена на идеи, искуства и научни сознанија, кои ќе помогнат во идентификување на клучните предизвици, но и во креирање конкретни препораки за развој на програми за обука, тренинг и поддршка на кадрите во безбедносниот сектор“, истакна Ивановски.

Најави дека заклучоците од конференцијата ќе бидат доставени до релевантните институции и носителите на одлуки, со цел да послужат како основа за понатамошно унапредување на политиките, стандардите и практиките во оваа област.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ