недела, 14 декември 2025

Тошковски: Предлог-законот за полиција по првпат воспоставува објективни механизми за професионален развој во МВР, опозицијата манипулира

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку својот официјален Фејсбук- профил остро ги демантираше тврдењата на опозицијата во врска со предложените измени на Законот за полиција, оценувајќи ги како тенденциозни и правно неосновани.

Објавено на

часот

Сподели

„Во врска со лажните тврдења и политички инсинуации што денеска ги пласираше опозицијата околу предложените измени на Законот за полиција, сакам јавно и децидно да укажам дека станува збор за тенденциозно извртување на фактите со цел политичко профитирање, без елементарно познавање на суштината и логиката на предложените решенија.

Предлог-законот не само што не ја отвора вратата за политички распоредувања и унапредувања, туку напротив по првпат воспоставува јасни, недвосмислени и објективни механизми за професионален развој и селекција на раководен кадар во МВР.

Имено, спротивно на тврдењата на опозицијата, законски е невозможно лице без работен стаж да стане началник на сектор за внатрешни работи. Член 63 став 1 од предлог-законот за внатрешни работи јасно пропишува дека лице без стаж може да биде распоредено само на најниското по хиерархија работно место во категоријата ‘извршители’, конкретно на позицијата ‘помлад’. Дури и во случај кога лицето има претходно работно искуство, но не во својата стручна област, според став 2 од истиот член, повторно е предвидено распоредување само на најниското работно место, што досега не беше случај и бевме сведоци на ситуации каде лица со несоодветно искуство беа директно поставувани на високи позиции во МВР“, пишува министерот Тошковски.

Тој појаснува дека според новиот систем на кариера има само пет позиции во категоријата „извршители“, а преминувањето од едно на друго работно место е ограничено, односно дозволено е прескокнување на максимум две позиции нагоре, што е построга рамка од постојниот закон каде се дозволени три позиции. Тошковски наведува дека хиерархијата е прецизно поставена, без простор за произволни толкувања, а дополнително за првпат се предвидува и носење на листа на сродни области и работи, со што се гарантира прегледност и правична мобилност во системот.

„Она што е особено важно, е фактот дека за првпат за да се унапреди некое лице во категоријата ‘раководни работници’, мора задолжително да има завршена обука и положен тест за раководење, услов пропишан во член 104 од предлог-законот. Овој тест е со елиминаторен карактер и ќе овозможи вистинска селекција според капацитет, а не според политичка волја.

Понатаму, актот за систематизација веќе го содржи принципот на градација кој подразбира дека за секое повисоко раководно место се бара поголемо работно искуство, согласно хиерархиската поставеност. Без исполнети услови, ниту еден вработен не може да биде унапреден на раководна позиција. Затоа повторувам, тезата дека лица без работен стаж ќе стануваат началници е целосно неточна и правно неоснована“, нагласува Тошковски.

Понатаму укажува дека во делот за избор на директор на Бирото за јавна безбедност, наместо попуштање се воведува построг критериум.

„За првпат, во законот јасно се пропишува дека кандидатот мора да има најмалку 12 години работно искуство исклучиво во областа на полициските работи, со што се гарантира дека на оваа клучна функција може да биде назначен само човек со длабоко професионално искуство во полицијата.

Во однос на воведувањето функција заменик-директор на Бирото за јавна безбедност, се работи за системско решение со јасна и рационална цел за обезбедување континуитет во раководењето и непречено функционирање на институцијата во ситуации кога директорот е отсутен или спречен да ја извршува својата функција. Ова не е политичко назначување, ниту дуплирање на овластувања, туку воспоставување на здрав и ефикасен управувачки механизам, кој е вообичаена пракса и во други комплексни институции. Во услови на зголемени предизвици за јавната безбедност, важно е да се обезбеди институционална стабилност“, појаснува министерот за внатрешни работи.

Покрај тоа, нагласува дека за секоја сериозна правна анализа, елементарен пристап е законот да се чита како целина, а не преку изолирано вадење на поединечни одредби.

„Правната норма не се чита изолирано, туку во контекст на целиот закон и неговата нормативна структура. Искрено зачудува како некој се обидува да извлече конечни правни заклучоци од еден член, без да ја согледа системската поставеност, меѓусебната поврзаност на нормите и суштинската логика на законското уредување. Таквиот пристап не само што е правно неточен, туку неминовно води кон погрешни, а често и манипулативни интерпретации. Апелирам до опозицијата да престане со свесно ширење на невистини и да се издигне над дневнополитичките калкулации кога станува збор за безбедносниот систем на државата. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да гради систем што ќе биде функционален, правичен и отпорен на партиски влијанија, токму онака како што и очекуваат граѓаните“, порачува министерот Панче Тошковски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ