„Додека за многумина Новата година започнува во топлината на домот, дел од вработените во Министерството за внатрешни работи ја дочекуваат и ја започнуваат годината на должност, во исклучително тешки услови и на голема надморска височина“, се наведува во соопштението од МВР.
Министерот Тошковски беше информиран за нивните тековни активности и за начинот на кој и во вакви екстремни услови се обезбедува непречено, сигурно и стабилно функционирање на комуникациските и информациските системи на Министерството за внатрешни работи.
„Оваа работа, иако далеку од очите на јавноста, претставува еден од клучните столбови за ефикасното функционирање на полицијата и безбедносниот систем во целина. Без стабилна и безбедна комуникација, полициските службеници не би можеле навремено да координираат активности, да реагираат на предизвиците и целосно да ја исполнат својата законска улога во заштитата на граѓаните“, потенцираше Тошковски.

Министерот Тошковски упати искрена благодарност и признание до вработените од Одделот за информатика и телекомуникации за нивната професионалност, посветеност и подготвеност да ја носат оваа одговорност и за време на празниците, без прекин и без компромис со безбедноста.
Воедно, министерот упати благодарност и до Хеликоптерската единица на МВР, чија поддршка овозможува безбеден транспорт, логистичка поддршка и пристап до најоддалечените и најнепристапни точки, со што се создаваат услови за непречено извршување на службените задачи.

Тошковски посочи дека токму ваквите, често невидливи, но суштински сегменти од системот, се доказ дека безбедноста на државата се темели на професионалност, дисциплина и пожртвуваност на секој поединец во системот.
Тошковски ги посети и Главниот оперативен штаб на полицијата и Полициската станица Центар.
На посетата во Главниот оперативен штаб на полицијата министерот Тошковски, се наведува во соопштението на МВР, бил запознаен со севкупните настани и активности кои полицијата ги презема во одржување на безбедноста, „со заклучок дека новогодишната ноќ во најголем дел помина безбедно“.
Во исто време заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени, оствари работна посета на полициските службеници ангажирани на граничниот премин Блаце и во Единицата за внатрешни работи Чаир.
Во рамки на посетата, како што информираат од МВР, заменик министерот беше детално информиран за актуелната безбедносна состојба, функционирањето на граничниот премин, протокот на патници за време на празничниот период, како и за организацијата и текот на новогодишната ноќ на подрачјето на град Скопје.
„Во разговорите со полициските службеници, уште еднаш беше потврдена нивната висока професионална посветеност и одговорност во извршувањето на службените задачи, со јасна цел – гарантирање на редот, мирот и безбедноста на граѓаните ширум државата“, се наведува во соопштението.

Од МВР посочуваат дека иако за поголемиот дел од граѓаните празниците се време за семејни собири и прослави со најблиските, припадниците на Министерството за внатрешни работи и за време на празничните денови остануваат на своите работни места, грижејќи се за безбедноста и јавниот ред.
„Целта на посетата беше, покрај работниот аспект, да се споделат и неколку празнични моменти со дежурните полициски службеници, како симбол на заедништво и припадност на едно големо полициско семејство, како и да им се изрази благодарност за нивниот ангажман, пожртвуваност и професионализам“, велат од МВР.
Заменик министерот Исени упатил охрабрување за натамошно посветено и одговорно извршување на службените обврски, истакнувајќи дека и во Новата 2026 година Министерството за внатрешни работи, заедно со граѓаните, ќе продолжи да работи на создавање посигурна, постабилна и подобра иднина за државата.






