недела, 14 декември 2025

Томовски: Специјални таблички досега добиле 500 службени возила, граѓаните можат да пријавуваат злоупотреба

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, денеска ја посети Општина Гази Баба, како една од првите општини кои пристапиле кон промена на нови специјални таблички за службените возила. Томовски посочи дека покрај останатите државни институции кои ја прават промената, во процедура за нови специјални таблички се уште неколку скопски општини, како и општините – Штип, Велес и Квадараци.

Објавено на

часот

Сподели

Истакна дека специјални таблички досега добиле околу 500 возила, додека голем број на возила веќе се во фаза на промена. До завршување на целата постапка, Томовски рече остануваат уште две недели, по што, најави краен пресек за вкупниот број на возила со специјални регистарски таблици. Очекувањата се, вели, да бидат 1.500 до 2.000 возила на ниво на држава.

„Продолжуваме со промената со специјалните таблички. Веќе сме во крајна фаза на нејзина реализација, останувааат уште некои две недели додека ја завршиме целосната акција. Можам да кажам дека до денешниот пресек имаме некаде околу 500 возила што добиле специјални таблички, има голем број на возила коишто се во постапка. Ќе оставиме уште две недели да направиме краен пресек. Општина Гази Баба е една од првите општини коишто први пристапиле кон промена на нови таблички, односно почитување на препораките на Владата. Тука морам да ги споменам и другите скопски општини коишто се во процедура, морам да ги споменам Штип, Велес, Кавадарци, бидејќи тие се општините покрај останатите државни институции коишто ја прават промената“, рече Томовски.

Тој упати апел до сите државни институции да се обидат да ги рационализираат возилата што ги имаат, бидејќи, како што рече, доста институции имаат повеќе возила од што им е потребно, како и дека многу од нив се нефункционални.

„Би ги замолил сите институции во државата да се обидат да ги рационализираат возилата што ги имаат, бидејќи многу од нив се во нефункционална состојба, имаат повеќе возила од што им е потребно, затоа нека ги рационализираат и нека пристапат кон расходување на дел од тие возила. Ние како една владина служба од 220 возила коишто ги имаме во наша сопственост, во моментов имаме обележано 50 возила. Можеби ќе обележиме уште десет возила со специјални таблички, а со другите ќе пристапиме кон нивна продажба и расходување со цел да ги заштедиме трошоците во државата и воедно да бидеме транспарентни пред граѓаните“, рече Томовски.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека промената на специјалните регистарски таблички на службените возила коишто се во сопственост на Општината е вториот чекор кој го презема за спречување на нивната злоупотреба. Првиот, рече, бил поставување на џипиес-систем за 24-часовен надзор.

„Ова е втор чекор што го преземаме како  локална самоуправа со цел спречување на злоупотребите на службените возила за приватни цели. Само што дојдов јас за градоначалник, поставивме 24-часовен надзорен систем на службените возила, односно поставување на џипиес-систем со којшто ја следиме траекторијата на службените возила во текот на целиот ден. Ова е втор чекор што го преземаме за комплетно спречување на злоупотребите на службените возила за користење на приватни цели, бидејќи сведоци сме дека во годините наназад голем број на службени возила се користеа за приватни цели, за време на викенди и слично. Сакам да напоменам дека јас како градоначалник користам мое приватно возило за работни обврски и со тоа испраќам порака дека треба да се грижиме за граѓаните и ресурсите со кои што располагаме“, посочи Стефковски.

Исто така, од денеска на телефонскиот број 070/399 – 050 или на [email protected], граѓаните можат да пријавуваат незаконска, партиска или приватна употреба на службените возила.

„Исполнуваме уште една ветена мерка за одговорно управување со државниот имот. Од денеска на 070 399 050 или [email protected] граѓаните можат да пријавуваат незаконита, партиска или приватна употреба на службените возила. Сите пријави ќе се проследуваат до надлежните органи за понатамошно постапување“, напиша директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски во објава на Фејсбук.

Тој денеска при посетата на Гази Баба рече дека пријавите ќе се проследуваат до институцијата каде се констатирани злоупотреби, по што раководителите на тие институции ќе можат да покренат постапки против лицата кои ги направиле злоупотребите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ