сабота, 6 декември 2025

Томовски: СДСМ да се извинат за клеветите и измислицитe

Очигледна е намерата по секоја цена на партијата која е во пропаѓање да обвинува, клевети и жигосува. Тоа е нивниот стил, но и единствената сламка за спас. Додека тие зборат за некаков криминал, тие што вистински се тоа, од Дубаи нарачуваат и пишуваат клеветнички прес конференции. Така тоа изгледа кога крадецот вели држете го крадецот. И сакаат да се заборави на златните визи на Филипче, Заев, за модуларната болница, Соравија, плантажите за марихуана. Тоа беше нивното „владеење“ – период на пропаѓање што остави длабоки последици врз општеството и врз довербата во институциите, реагира денеска директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски откако СДСМ на прес конференција обвини дека семејна фирма на Томовски добила 161 тендер од државата во вредност од 5.360.000 евра.

Објавено на

часот

Сподели

„Но денес ги гледаме нивните соопштенија – безобразни, малициозни, полни со клевети и измислици. Тој нивен примитивен стил не е политика, туку обид со гнасни конструкции да се прикрие сопствениот очај. Да се прикрие неспособноста која ја видовме седум години. Да се прикријат предавствата што им ги направија на граѓаните. Да се прикрие корупцијата која го изеде секој сегмент од државата — од пасоши до тендери, од енергетика до здравство, од локални до централни институции. Нема со гнасни соопштенија да покријат дека токму тие ги уништија македонските институции“, напиша на фејсбук, Томовски.

Тој тврди дека компанијата што ги добила тебдерите не е негова.

„Посочената компанија не е моја, ниту пак имам било каков удел во нејзе. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам. СДС ќе мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно ќе поднесам тужба пред надлежните органи. Власта е одговорност и таму не се доаѓа со пазарџиски финти, клевети. Очигледно тоа е нивната понуда, а народот ќе суди, впрочем како што им пресуди на последните избори. Слободно сите можни институции да проверат сè, а искрено од СДСМ не очекувам извинување затоа што за извинување потребна е доблест и морал, а тоа одамна видовме дека го немаат“, вели Томовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ