„Потребно е да одиме кон што повеќе обновлива енергија, но истовремено дистрибутивниот и преносниот систем треба да се стабилизираат за да може да го поднесат тоа. Треба што побрзо да се работи на поставување батериски системи и на тој начин да се реши дизбалансот што обновливите извори го прават во системот. Но, по инсталирањето многу битен ќе биде и мониторингот на батерискиот систем. Нашата компанија располага со сопствен Мониторинг систем, и може да ја програмира, води и управува батеријата ден за ден за инвеститорот да добие оптимални резултати”, изјави Тодор Анѓушев.
Германските компании на конференцијата ги презентираа своите технолошки решенија и искуства, вклучително и примената на BIPV (Building Integrated Photovoltaics) – технологија која овозможува вградување на фотоволтаици во фасади и кровни елементи без да се наруши естетиката на објектите.
Овие практики покажуваат јасен тренд – иднината припаѓа на децентрализираното, чисто и ефикасно производство на енергија. Северна Македонија, со усвоените закони и со компании кои веќе нудат современи решенија, има потенцијал да го следи тој пат со забрзан чекор.