Од Одделението за внатрешни работи Кочани информираат дека во врска со трагичниот настан во клубот Пулс во Кочани, случен на 16 март 2025 година, од денеска започнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот.
„Се известуваат сите повредени лица, блиските членови на семејствата на починатите, како и други лица – посетители за време на настанот, дека во периодот од 02.03.2026 (понеделник) до 06.03.2026 (петок), во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. ‘Тодосија Паунов’ бр. 12. Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот, а кои им припаѓаат на повредените и на починатите лица“, информираат од ОВР Кочани.
Враќањето на предметите ќе се врши по претходна идентификација од страна на сопствениците или од блиски членови на семејствата на починатите, наведуваат од ОВР Кочани.
Овие предмети досега беа дел од доказите во текот на истражната постапка. За случајот Пулс се води постапка против 35 физички и 3 правни лица во затворот во Идризово, а од утре почнуваат и други две постапки против полициски службеници.






