сабота, 12 јули 2025

Тим на Европскиот суд на ревизори ги „чешла“ европските проекти во Македонија

Координацијата во транспортниот сектор во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), како и поширокиот институционален и оперативен контекст за имплементација на проектите поддржани преку овој инструмент беше во фокусот на дискусиите на денешната средба на претставниците на Европскиот суд на ревизори, Бертран Танги и Ерик Котларик со министерот за европски прашања и национален координатор на ИПА (NIPAC), Орхан Муртезани, соопшти Министерството за европски прашања.

Објавено на

часот

Сподели

Муртезани на средбата го истакнал значењето на Инвестициската рамка како стратешки механизам кој овозможува инвестирање во клучни сектори како што се транспортот, енергијата, животната средина, здравството и образованието, но и како алатка што ќе овозможи користење на средствата што ЕУ ќе ги додели по спроведувањето на реформите во рамки на Реформска агенда 2024-2027 и Инструментот за раст и реформи.

Во разговорите била потенцирана потребата од натамошно поедноставување на процедурите, зголемување на транспарентноста и јасноста во однос на улогите на меѓународните финансиски институции, како и зајакнување на капацитетите на НИПАК канцеларијата, особено во делот на мониторингот и координацијата.

На средбата, се додава во соопштението, било посочено дека за успешно искористување на достапните средства до крајот на 2027 година, од суштинско значење ќе биде навремената подготвеност на проектите и нивното усогласување со реформските приоритети.

Министерот Муртезани ја потврдил заложбата на Владата за ефективно управување со инвестициите поддржани од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан, кој е заедничка иницијатива на Европската комисија, билатерални донатори и меѓународни финансиски институции.

Тој потенцирал декa Македонија останува конструктивен партнер во процесите на регионална соработка и европска интеграција, со посветеност кон создавање предвидлива и стратешка рамка за користење на фондовите од ЕУ.

Средбата со министерот за европски прашања и национален координатор за ИПА (NIPAC), Орхан Муртезани, е прва во низата состаноци што ревизорскиот тим ќе ги реализира неделава, со надлежните институции во текот на својата мисија во земјата, информира МЕП.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ