„Да се биде прогласен за најдобар производител од Македонија на натпревар со реномето на Mundus Vini е потврда за нашата посветеност, визија и континуирани инвестиции во квалитетот на нашите вина. За нас ова признание има особено значење, но претставува и дополнителен мотив во иднина сѐ поамбициозно да го унапредуваме квалитетот. Ќе продолжиме да создаваме вина кои со својата автентичност и комплексност ќе бидат препознаени и ценети од винските експерти и од потрошувачите од целиот свет и ќе бидат уште поголема гордост на Македонија“, изјави Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на „Тиквеш“.
Оваа почесна титула им се доделува на производители на вино кои во текот на 25-годишната историја на Мундус вини покажале исклучителна конзистентност, врвен квалитет и извонредни резултати, позиционирајќи се меѓу најуспешните и најнаградуваните учесници во историјата на овој реномиран натпревар. Наградата е уште една силна потврда за меѓународната препознатливост на вината на „Тиквеш“, кои со години наназад освојуваат бројни признанија на најпрестижните светски натпреварувања и дегустации. Признанието „Најдобар производител – Република Македонија“ се доделува врз основа на долгогодишните резултати и медали што вината на визбата ги освоиле на Мундус вини, една од највлијателните вински манифестации во светски рамки.

Свечената церемонија за доделување на наградата ќе се одржи на 16 март оваа година, во рамките на престижниот светски вински саем Провајн Дизелдорф, кој се смета за еден од најзначајните настани за глобалната винска индустрија.
Со над 100 меѓународни награди годишно на најзначајните меѓународни вински натпревари, „Тиквеш“ продолжува да го зацврстува своето реноме како еден од најнаградуваните вински производители во регионот и силен амбасадор на македонското вино на глобалната винска сцена.
За меѓународна релевантност на „Тиквеш“ говори и фактот што вината на „Тиквеш“ се присутни на 26 странски пазари. „Тиквеш“ е лидер на македонскиот и на српскиот пазар и лидер во винската индустрија во регионот. Во 2025 година, над 60 отсто од продажниот волумен на винарницата беше реализиран на странски пазари, при што извозот на регионалните пазари порасна за 11 отсто, а на меѓународните пазари за 34 отсто во однос на претходната година.






