Свечениот чин на закројување на лозјата во Лепово го извршија поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во присуство на министри во Владата, претставници на дипломатскиот кор, институции, лозари и соработници на „Тиквеш“.
Со овој традиционален чин симболично беше означен почетокот на новата лозарска сезона, со порака за единство, одговорност и визија за одржлива иднина на македонското винарство. Истовремено, беше нагласено дека „Тиквеш“ е предводник во имплементацијата на иновативни практики во насока на одржливо производство, што е дополнително значајно во услови кога индустријата се соочува со предизвици наметнати од климатските промени.
„Иднината на лозарството мора да се гради врз основа на наука, стандарди и економски одржливи насади. Лидерската позиција на ,Тиквеш’ во земјава и регионот е резултат токму на примената на иновации, дигитализација, алатки базирани на вештачка интелигенција и зелена технологија. За да бидеме поуспешни во нашите активности и со цел да се обезбеди одржливост и развој на целокупната винска индустрија, неопходна е долгорочна стратегија за секторот, која ќе биде креирана во партнерство со винарниците и останатите засегнати страни. Само така ќе можеме да одговориме на сѐ поголемите предизвици со кои се соочуваме како индустрија“, истакна Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“.

Винарската визба „Тиквеш“ во континуитет инвестира во воведување напредни практики за производство на грозје и вино, користејќи ја експертизата на врвни реномирани експерти од Франција, Италија и Словенија. Потпирајќи се на научни сознанија и стандарди и следејќи ги најсовремените трендови во индустријата, винарницата истовремено се грижи за доследна имплементација на принципите на одржливост и заштита на животната средина, приспособувајќи се на климатските промени.

Со цел понатаму да го намали својот јаглероден отпечаток, „Тиквеш“ е на пат целосно да ја елиминира употребата на фосилни горива во производствениот процес, како и да премине на користење исклучиво енергија од обновливи извори.
„Тиквеш“ е единствена винарница од регионот која успеала да ги задоволи критериумите за сребрено членство во групата „Меѓународни винарници за борба против климатските промени“ (IWCA – Interational Wineries for Climate Action) и останува амбасадор на македонското винарство на глобално ниво, вбројувајќи се меѓу водечките глобални винарници, чија цел е намалување на јаглеродните емисии до нула најдоцна до 2050 година.





