Во годишниот преглед, без никакво двоумење, пожарот во дискотеката „Пулс“, кој зема 63 жртви, се издвојува како најтрагична последица на децениската корупција во системот на државната управа.
„Во изминатата година со сигурност можеме да кажеме дека ја обележа катастрофалниот пожар во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани и сите понатамошни коруптивни случувања кои беа откриени како последица од истиот. Институционални пропусти, затајување на системот за превенција како и недостаток на колективна свест за сериозноста на последиците кои се предизвикани од корупција, почнувајќи од најниските слоеви во државната управа. Отворањето на истрагата како и поднесувањето на обвинението беше спроведено во предвидениот законски рок, но ‘ќе се кршат копјата’ во потрага на правдата во судската постапка која ни претстои“, се вели во известувањето за годишниот извештај на Транспаренси Интернешенл – Македонија.

Како втор по тежина настан, што ја поткопува борбата против корупцијата се издвоија случувањата во Државната комисија за спречување на корупција со поднесувањето на обвинение против тогашната претседателка поради оддавање на службени тајни и го иницира прашањето на кредибилитетот на институцијата.
Не остана незабележано и поднесувањето на обвинението за предметот „Онкологија“ којшто во јавноста иницира сомнеж во функционирањето на целокупниот здравствен систем во нашата држава. Областа од здравствениот систем годинава уште еднаш беше во центар на случувања кога Комисија од страна на Министерството за здравство откри дека од вкупно 19 случаи на кардиохируршки зафати што биле разгледани, речиси половина биле оценети како непотребни. Реакцијата на здравствените власти доаѓа по претходни укажувања дека во приватни клиники се прават непотребни операции за профит.
Од исклучително значење е да се спомене дека ниту во изминатата година не беше донесен новиот Кривичен законик којшто долго се очекува. Скандалозните измени на Кривичниот законик, кои беа донесени во 2023 година, предизвикаа сериозна штета во високопрофилираните коруптивни истраги и судски предмети којашто продолжува да се продлабочува со неносењето на нов КЗ.
„Очекувано и од значење е да се спомене дека во речиси секое издание на ‘Бистро-Матно’ беа забележани настани, односно извршени ревизии објавени од страна на Државниот завод за ревизија. Неповолни ревизии и утврдени системски слабости во функционирањето на институциите.
На штета на граѓаните, а поради немање на политичка волја институцијата Народен правобранител која треба да се грижи за уставните и законските права на граѓаните останува ‘обезглавена’. Загрижувачки и некоректно е ваквиот однос спрема институција чија главна задача и е заштита на човековите слободи и права, а воедно е и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите“, забележуваат од ТИ-М.
Од овогодинешниот преглед на настани се забележуваат повеќе случувања со давање или примање на поткуп како: истражна постапка за поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на РСМ; побарано мито за дозвола за проект за градење на апартмани во Маврово и Ростуше, како и мито за изготвување на документација за наводни прегледи, контрола и извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице; поткупот на директорот на Геријатрија за да смести неподвижно лице и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поранешниот државен правобранител кој примил 50.000 евра за да влијае врз судија во Апелациониот суд.
Сепак, иако во сенка од таканаречените матни настани, од Транспаренси Интернешнл – Македонија нагласуваат дека не изостанаа и бистри настани.
„Во духот на минатогодинешниот Индекс на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл кој ја нагласува потребата за итна акција против корупцијата и предупредување за критична глобална пречка за спроведување на успешни мерки за заштита на климата и климатските промени, во текот на изминатата година кај нас особено активни и гласни беа граѓанските организации кои дејствуваат во областа на заштитата на животната средина, климатските промени и глобалното затоплување, придонесувајќи кон зголемена јавна свест и општествен дијалог по овие прашања. Ваквите активности придонесоа со донесување одлука на Советот на Град Скопје за дислокација на еден од најголемите загадувачи на Скопје цементарница Усје по предлог на Зелен хуман град“, наведуваат од ТИ-М.
Како позитивен потег се оценува и воведувањето на софтверски систем од страна на Управниот суд да воспостави дигитална врска со сите јавни институции како и со Вишиот Управен суд, со што директно се влијае на поефикасно и побрзо функционирање на судскиот систем.
„За крај како еден од бистрите настани е посветен на младите. Седум млади студенти од Македонија се автори на едукативна електронска игра ‘Сива зона’, наменета за средношколци, чија цел е да ја подигне свеста за корупцијата и последиците од неетичките одлуки“, се вели во известувањето на ТИ-М за годишниот преглед на „Бистро – Матно“ за 2025.






