понеделник, 7 април 2025

ТИ-М: Пожарот во Кочани, затруената Крива река, поткупот на Елезовски…најматни настани во март

Транспаренси Интернешнл-Македонија (ТИ-М) продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата наречена „бистро-матно“. Како најматни настани за месец март 2025 година се евидентирани пожарот во Кочани, затруената Крива Река, поткупот на началникот за урбанизам во Општина Маврово-Ростуште, Седредин Елезовски, случајот со трговија на мазут за ТЕЦ Неготино, градбата на хотелот кај Горица во Охрид како и ранг-листата на најуспешни и најслабо рангирани институции според степенот на имплементација на системот за интегритет што ја објави Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

 

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина“, велат од ТИ-М.

Како најматни настани за месец март 2025 година се евидентирани пожарот во Кочани, затруената Крива река, поткупот на началникот за урбанизам во Општина Маврово-Ростуште, Седредин Елезовски, случајот со трговија со отровен мазут, градбата на хотелот кај Горица во Охрид како и ранг-листата на најуспешни и најслабо рангирани институции според степенот на имплементација на системот за интегритет што ја објави Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Нешто е гнило во Македонија

Нешто е гнило во Македонија, оценуваат од ТИ-М во врска со пожарот што се случи во дискотеката Пулс во Кочани на 16 март 2025 година.

„Истрагата лоцира ‘верижни пропусти и незаконитост’ кои довеле до пожарот во Кочани. Државниот обвинител Љупчо Коцевски ги изнесе во јавноста сите досега утврдени незаконски дејства поврзани со пожарот во Кочани. За пропустите рече дека датираат уште пред повеќе од 10 години. За внесување на пиротехниката во ‘Пулс’, осомничен е и член на групата ДНК која имаше концерт. Основното јавно обвинителство – Кочани даде наредба за истрага против 27 лица и три правни лица за кои постои сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност со пожарот во ‘Пулс’. Сите осомничени во истрагата се обезбедени. Кочанското обвинителство бара притвор за сите осомничени со исклучок на тројца кои се хоспитализирани. Обвинителството соопшти дека сите осомничени од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство и надлежности, не постапиле по прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност по сите“, велат од ТИ-М.

За случајот со трговија на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино од ТИ-М констатираат дека Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) продолжува со истрагата каде 13 бизнисмени и трговци со горива, во соработка и потпомогнати од директори и вработени во Електрани на Македонија, манипулирале со тендерската постапка за набавка на мазут на ТЕЦ Неготинo со која го оштетиле државниот буџет за 167,5 милиони евра.

„Крива Река ‘плива’ во најсмртоносниот отров-цијанид, наместо државна акција има партиски препукувања – Наместо итна акција на државата – партиски препукувања, обвинувања за еколошката катастрофа на Крива Река во Крива Паланка каде е детектирано зголемено присуство на цијанид и олово, откако отпадната вода од рудникот Тораница се слеал во реката, по што добила сива боја. Реагираат само токсиколозите. Велат цијанидот е еден од најсмртоносните отрови. Делува на клеточното дишење, односно спречува кислородната размена да влегува во клетките и со самото тоа ги убива и клетките. Бидејќи е во вода ќе делува на целиот жив свет во реката, што е еколошка катастрофа. Опасноста од загадување на почвата и храната е голема“, забележуваат од ТИ-М.

И примениот поткуп на началникот за урбанизам во Општина Маврово-Ростуште, Седредин Елезовски се најде на листата на најматни настани во март.

„Раководител побарал 13.000 евра мито за дозвола за проект за градење на апартмани – единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до ОЈО ГОКК соопшти дека пријавениот, раководител на одделение за урбанизам, комунални дејности, локален економски развој и заштита на животна средина во општина Маврово-Ростуше, побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење на апартмани и сместувачки капацитети, а требало да се исплати во неколку рати“, го евидентирале овој случај како еден од најматните од ТИ-М.

И покрај предупредувањата од УНЕСКО, „Горица“ во Охрид продолжува да се бетонира, институциите молчат, градежниците копаат, велат од ТИ-М

„И покрај јасните препораки од УНЕСКО за итно запирање на урбанизацијата во чувствителните подрачја околу Охридското Езеро, како ридот Горица и Студенчишкото Блато, градежните активности не престануваат. Последното предупредување доаѓа од организацијата СОС Охрид, која алармира дека и по реакциите од меѓународните тела, државата не презема никакви мерки. Во соопштението до медиумите, активистите потсетуваат дека Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, која во март 2024 година престојуваше во Охрид, регистрирала ново градилиште на ридот Горица. Се работи за изградба на хотелски комплекс, без претходно известување на Центарот за светско наследство што претставува директно прекршување на став 172 од оперативните насоки на Конвенцијата за светско наследство“, посочуваат од ТИ-М.

Од оваа невладина организација реагираат и на ранг-листата на најуспешни и најслабо рангирани институции според степенот на имплементација на системот за интегритет што ја објави ДКСК.

„Во насока на објективност и вреднување на постигнувањата, ДКСК ја презентира ранг-листата. На врвот е Државниот завод со ревизија со 82, отсто, од судовите предничи судот во Kавадараци со 65 отсто, а оценка ниско и 20 отсто добил Граѓанскиот суд во Скопје. Во истражувањето на антикорпуопцниерите детекетирани се главните пропусти како непостоење на интерни акти за судир на интереси – фалат кај половина од државнтите институции, и толкав процент немаат регулатива за примање пoдароци и гостопримство. Отсуство на обука за интегритет и ниска сертификација на ИСО стандарди“, заклучуваат од ТИ-М за најматните настани за месец март 2025 година.

Кривични пријави против службени лица помеѓу бистрите настани за март

Освен барањата на различни граѓански организации за транспарентна истрага за пожарот во Кочани, помеѓу бистрите настани за март 2025 година ТИ-М евидентирал и неколку кривични пријави против различни службени лица.

„Граѓанските организации за борба против корупција бараат транспарентна истрага за пожарот во Кочани, како и реформа на казнена политика. Тие повикуваат на одговорност на институциите и компаниите, на теренски проверки при вонреден надзор, како и контрола на имотната состојба на инспекторите. Според Платформата на граѓански организации за борба против корупција, потребна е и ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци, вертикална одговорност и итно постапување по насоките на ДКСК Државниот завод за ревизија. Корупцијата во Северна Македонија е закана за животот и безбедноста на граѓаните, а не само злоупотреба на јавни средства. Трагедиите како пожарот во Кочани, Ласкарци, Беса Транс, и модуларната болница во Тетово се директна последица на системски пропусти, политичка заштита, некомпетентни вработувања и институционална негрижа. И покрај континуираните ветувања за реформи, не се спроведени суштински промени во контролата, инспекциските механизми и законската одговорно“, велат од ТИ-М цитирајќи ги изјавите на платформата на прес-конференција во Скопје.

Вработени во Национални шуми и сопственик на фирма добија кривични пријави, осомничени се за злоупотреби е уште еден случај кој е наведен како бистар настан за месец март.

„СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.В., управител во правно лице од село Горно Добреноец, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело фалсификување службена исправа, против С.С. соработник за евиденција на побарувања и обврски во Национални шуми, В.Р. финансиски оперативец и против З.К. поранешен директор во ова јавно претпријатие, подрачно шумско стопанство Лопушник во Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата. Во текот на 2022, 2023 и 2024 година, по претходно склучен договор за транспорт на дрвни сортименти помеѓу „Национални шуми и правното лице, првопријавената доставила фактура до јавното претпријатие, во која внела три испратници за превоз со невистинита содржина за услуга која не била извршена од нивна страна, за реализиран транспорт на дабово огревно дрво. Додека, останатите пријавени со пропуштање на должен надзор не ги увиделе неправилностите и фактурата со невистинита содржина ја примиле, процесуирале и исплатиле и на тој начин нанеле штета на Национални шуми“, се повикуваат на полициското соопштение од ТИ-М.

За оваа невладина организација уште еден бистар настан е кривичната пријава за директор на основно училиште во Делчево кој е осомничен дека ја злоупотребил положбата и овластувањата и сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

„Пријавениот Г.В., како директор на општинско основно училиште во Делчево, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, во периодот од 1 септември до 19 октомври 2021 година постапил спротивно на Законот за јавни набавки“, наведуваат од ТИ-М.

Оттаму уште го посочуваат и поднесувањето на кривична пријава против полицаец за примање поткуп.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против полицискиот службеник С.Ф. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело примање поткуп. Како што информира МВР, на 15 декември 2024 година на граничниот премин Долно Блаце, пријавениот С.Ф., полициската станица за граничен премин Долно Блаце побарал и примил пари за да изврши службено дејствие кое не смеел да го изврши“наведуваат од ТИ-М.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ