„Општините беа оценувани врз основа на прашалник составен од 91 прашање кој опфати повеќе области од работата на локалните самоуправи. Како примерок беше земена најголемата општина по број на жители во секој од планските региони и тоа општините: Аеродром, Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица, Тетово и Штип.
Овој индекс е збир од позитивни бодови добиени од индикатори кои вклучуваат анализа на веб-страници, документи, одговори на барања за слободен пристап до информации и директен увид во функционирањето на администрацијата, т.е. центрите за услуги, како и податоци добиени од други органи.
Наодите укажуваат на тоа дека локалните власти сѐ уште не се на високо ниво по нивната транспарентност и отчетност и потребни се дополнителни напори за да се обезбедат навремени податоци за нивното функционирање и за услугите кои им ги нудат на граѓаните.
Највисоко оценета општина е општина Битола со 67 бодови, потоа следува општина Велес со 60, општина Штип со 55, општина Струмица со 54, општина Куманово е оценета со 51 бод, општина Аеродром со 49, општина Тетово со 43 бодови и најслабо оценета е општина Охрид со 39 бодови. Просечна оцена изнесува 52“, се наведува во извештајот на ТИ-М..
Во однос на транспарентноста на јавните претпријатија во општините, во извештајот на Транспаренси Интершешнл – Македонија се констатира истиот заклучок – најтранспарентни се претпријатијата во општина Битола, а најлошо оценети се од Охрид.

Во овој дел подетално се разгледуваат и јавните претпријатија и јавните установи дел од општините. Овие тела се оценуваат преку 18 индикатори кои носат и 18 бодови. За потребите на овој индекс беше оценето по едно јавно претпријатие и една јавна установа во секоја општина. Секоја од општините на својата веб-страница има информации за тоа кои претпријатија и установи функционираат во рамките на општината. Повеќето јавни претпријатија и јавни установи имаат сопствена веб-страница, но транспарентноста е на многу ниско ниво. Информациите или се застарени или воопшто ги нема. Како и на централно ниво, така и на локално ниво информациите за овие тела изостануваат и анализата на нивната работа, исполнување на обврски, назначување на одговорни лица и слично е многу ограничена. Транспарентноста во овој дел особено треба да се подобри.
Голем број на информации недостасуваат на веб-страниците на општините за да се создаде јасна слика колку се придонесува кон регионалниот развој и колку од средствата што се наменети за финансирање на општините се правилно менаџирани и наменети за активности кои позитивно влијаат врз животот на граѓаните.
Повторно најдобро оценета е општина Битола, а најниско оценети со ист број на бодови се општина Аеродром и општина Охрид. Во овој дел бидејќи општина Аеродром е дел од скопските општини, јавните претпријатија потпаѓаат под градот Скопје.
„Кај најголем дел од општините изостануваат информации за изборот на директори и нема никакви дополнителни документи кои укажуваат на тоа кога последен пат бил избран директор, кога бил назначен В.Д. директор или информација за кандидати кои биле пријавени при отворен конкурс за избор на раководни лица. За жал јавните претпријатија и јавните установи многу ретко ги објавуваат годишните планови за работа или пак годишните извештаи за реализираните активности. Отчетноста пред граѓаните е на многу ниско ниво и потребни се дополнителни напори од општинските власти и од раководните лица на овие тела да обезбедат навремени и ажурирани податоци за нивната работа. За жал во овие јавни претпријатија и установи изостануваат и информации за бројот на вработени и систематизацијата на работни места“, се вели во извештајот за транспарентноста на локалната самоуправа на Транспаренси Интернешнл – Македонија.
https://transparency.mk/wp-content/uploads/2026/01/indeks_na_transparentnost_na_lokalnata_samouprava_za_2025_godina.pdf






