Таа потенцира дека претседателот на Собранието Талат Џафери се обидува да го саботира изборот. Посочи дека ова место во ДИК и припаѓа на албанската опозиција- на Алтернатива и БЕСА.
Членовите на Комисијата од опозициските албански партии и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ почнаа да тропаат по маси и бараа процедурално да се обратат.
По ова претседателката на Комисијата Марија Георгиевска даде едночасовна пауза по што претседателот и пратеник на Алтернатива, Африм Гаши одржа прес-конференција на која истакна дека ќе го бојкотираат работењето на Собранието доколку до 31 декември не биде изгласан нивниот кандидат за член на ДИК Абдуш Демири.
„Доколку до 31 декември не биде изгласан нашиот кандидат за член во ДИК ќе го бојкотираме Собранието. Најпрвин нема да учествуваме во работата на Собранието, нема да присуствуваме ниту на седниците на комисиите ниту на пленумот и ќе алармираме и кај граѓаните и кај меѓународниот фактор. После 31 декември освен бојкот на Собранието, ќе ги преземеме сите демократски мерки нашето право да дојде на свое место – да го имаме нашиот член во ДИК“, рече Гаши.
Кога е јасен законот, потенцира Гаши, не можете сѐ да терате на сила, затоа што, како што рече, имате еден глас повеќе во Комисијата за именувања и избори.
„Продолжува циркузот и маскарадата на манипулација за одземање на правото на албанската опозиција да има свој член во ДИК. Оваа наше право одредено со закон никој не може да ни го одземе. Мене ми е жал што претседателот на Собранието заедно со претседателката на Комисијата за именувања и избори сакаат да го манипулираат процесот. Што се случува?“, праша Гаши.
Наместо претседателот на Собранието да поднесе барање и писмо до опозициските партии на Албанците, наведе Гаши, праќаат писмо и до една новоформирана партија што е незаконски, затоа што Изборниот законик каде се повикува на политички партии, се повикува на политички партии кои учествувале на последните парламентарни избори. Дотолку што таа партија го предложила за член на ДИК членот од Алијансата за Албанците Зулфи Адили. Сите знаат дека тој е член на Алијансата за Албанците, со тоа што тие сакаат двата предлози да одат на пленарна седница, па како мнозинство како што мајоризираат сѐ и сакаат сѐ на гласови да истераат кршејќи закон, сакаат изборниот состав како што е сега четири – два во полза на опозицијата, сакаат уште еден член на опозицијата да додадат и да биде пет-два. А, албанската опозиција воопшто да се елиминира од процесот на изборите“, рече тој.
Гаши нагласи дека доколку немаат член во ДИК ќе им бидат ускратени сите права и рече дека таа битка ќе биде далеку несоодветна и нерамноправна.
„Нема да дозволиме ДИК да се состави незаконски и да продолжи со својата работа, затоа што ние нема да учествуваме на тие избори. Сѐ ќе направиме за да не се случи изборен процес во државата, ако се ускрати ова наше право, рече Гаши.
За член на ДИК е предложен и кандидатот Абдуш Демири поддржан од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени.
По утврдувањето на кандидатот, тој треба да се гласа на седница на Собранието. Член на Државната изборна комисија се избира со двотретинско мнозинство.
По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК.
Претходно, Комисијата за прашања на изборите и именувањата утврди листа со пет кандидати за член на ДИК, Берат Даути, дипломиран правник од Тетово, Абдуш Демири, дипломиран економист од Тетово, Роберт Трајковски, магистер по мир и развој од Куманово, Зулфи Адиљи, дипломиран правник од Скопје и Самир Ракипи, дипломиран правник од Тетово.






