понеделник, 15 декември 2025

Темата со мигрантите стигна до фазата на резолуции и контрарезолуции на опозицијата и власта

ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратеници од коалицијата ВРЕДИ и од ЗНАМ подготви и поднесе резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, составена од девет точки, со која еднаш засекогаш се става крај на манипулативната тема со мигранти, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

Со резолуцијата, како што посочи, се осудува секое манипулативно однесување и се утврдува дека се става крај на сите шпекулации и лажни манипулации со наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови за мигранти во државата и со која јасно и недвосмислено се исцртува рамка на мигрантската политика.

„По ширењето на лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема за мигранти од СДСМ. Со оваа резолуција потврдуваме дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. Граѓаните да бидат спокојни, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста на народот“, изјави Мицевски.

Резолуцијата, како што појасни Мицевски, е поднесена денеска и се очекува веќе утре да се најде на дневен ред.

Во однос на резолуцијата од СДСМ, и дали ја разгледале, Мицевски рече дека не веруваат во чесна намера и од таа причина ја поднесуваат оваа резолуција во која се наведуваат сите потребни елементи.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, пак резолуцијата што ја поднесоа ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди ја нарече контрарезолуција и смета дека таа е само потврда на она што СДСМ со денови го говори дека постои договор „мигранти за пари“.

„Со договорени мигранти за пари, ДПМНЕ ја предаде Македонија, ја продаде за пари, за скапи кредити врз грбот на народот. Цела недела одбегнуваа да одговорат на нашите повици, одбегнуваа да ја потпишат резолуцијата во којашто експлицитно стои дека нема да дозволиме да се носат мигранти. Наместо да застанат заедно со нас, поднесоа контрарезолуција“, се вели во соопштението од СДСМ од прес-конференцијата на портпаролката Богданка Кузеска.

Таа асоцира дека контрапротести, контрарезолуција, лажни вести, закани со кривични пријави било исто како во времето на Никола Груевски.

„Со контрарезолуцијата ДПМНЕ–ЗНАМ го потврди она што СДСМ со денови го говори: постои договор ‘мигранти за пари’. Државата е во тешка финансиска состојба, ‘дупката’ моментално е 1 милијарда евра. Трезорот се затвора пред време, доцнат исплати за породилно, социјална помош, на ДДВ, нема пари за плати и пензии. Но, парите не ѝ требаат на власта за граѓаните, туку за пумпање пари преку наместени тендери и бизниси“, вели портпаролката на СДСМ.

Кузеска заклучува дека затоа во контрарезолуција нема ниту една јасна одредба што забранува носење мигранти од Британија за пари.

„Има игра на зборови, мигрантите ги кријат зад термини како ‘економски работници’ или ‘нелегални мигранти’ “, појаснува Кузеска.

Според опозициската партија, крај на опцијата за мигранти во Македонија може да има само со потпишување на резолуцијата предложена од СДСМ и со јасна и недвосмислена забрана за каков било договор „мигранти за пари“.

Таа нагласи дека борбата за Македонија не застанува и одговорност мора да има.

„Доаѓа вашиот крај. Тоа граѓаните ќе ви го испорачаат! Борбата за Македонија почна и нема да застане. Сите ќе одговарате!“, потенцираше Кузеска.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ