Според податоци добиени од Министерството за внатрешни работи, од 2020 до март 2025 година, се пријавени 98 случаи на телефонски измами насочени кон постари лица, каде измамниците се претставуваат како полицајци или лекари и манипулираат со жртвите дека нивен близок направил сообраќајна несреќа.
Овие криминалци, кои многу често знаат точни адреси и детали за жртвите, успеваат да изнудат илјадници евра. Но, иако редакцијата на МКД.ми праша во МВР, сепак не добивме одговор дали граѓаните се безбедни, бидејќи измамниците точно ги знаат податоците онаму каде се јавуваат, знаат дали се работи за семејство што има син или ќерка, но знаат и каде живеат оние кои ги бараат на телефон за да ги измамат.
Агенцијата за заштита на лични податоци вели: Не ни стигнале пријави, ние не сме за тоа надлежни
Одговорот на Агенцијата за заштита на личните податоци е загрижувачки: досега не примиле ниту една пријава за ваков тип злоупотреба на податоци. Истовремено, признаваат дека не се надлежни за откривање сторители и дека само постапуваат доколку граѓаните се пожалат. Ниту една вонредна супервизија, ниту една санкција – само апел граѓаните да бидат внимателни.
„Во однос на Вашите прашања поврзани со пријавите за телефонски измами кај граѓани, главно пензионери, при што се користат лични податоци за манипулација и изнудување, Ве известуваме дека до овој момент до Агенцијата за заштита на личните податоци не се пристигнати барања за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци, ниту се поднесени иницијативи од страна на граѓани поврзани со овој конкретен вид измами. Агенцијата, како независно надзорно тело согласно Законот за заштита на личните податоци, постапува по секое поднесено барање за утврдување на повреда на правото на заштита на лични податоци преку спроведување на вонредна супервизија. Оваа супервизија претставува системска и независна контрола над законитоста на активностите поврзани со обработката и заштитата на личните податоци, вклучувајќи истражување, проверка на документација, излез на терен и утврдување на фактичката состојба. Доколку во постапката се утврди повреда, супервизорот може да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно закон. Законот за заштита на личните податоци предвидува прекршочни одредби, при што за правни лица глобите изнесуваат од 2% до 4% од годишниот приход, додека за физички лица глобите се движат од 100 до 250 евра по сторен прекршок. Истовремено, би сакале да појасниме дека Агенцијата не е надлежна за откривање или утврдување на сторител на кривични дела или други нелегални активности од страна на непознати лица. Во вакви случаи, по утврдување на основи за сомневање за сторено кривично дело или друг вид прекршок од непознат сторител, предметот се препраќа до Министерството за внатрешни работи, кое е надлежно за натамошна постапка“, се вели во соопшрението на Агенцијата за заштита на лични податоци.
Во таа насока, Агенцијата ја истакнува важноста на соработката со институциите, пред сè со МВР, но и ја охрабрува јавноста, особено повозрасните граѓани, да бидат внимателни при споделување на лични информации и веднаш да пријават сомнителни повици.
„Граѓаните кои сметаат дека е повредено нивнот право на заштита на личните податоци, може да поднесат барање за утврдување на повреда до Агенцијата, која ќе постапи согласно своите надлежности. Агенцијата постојано работи на зајакнување на свеста кај граѓаните и на унапредување на механизмите за заштита на личните податоци преку информираност и едукативни мерки со цел значително да се намали можноста за вакви појави и да се зголеми чувството на безбедност кај граѓаните. Но, во пракса, постарите лица кои се жртви на овие измами ретко кога се свесни дека станува збор за злоупотреба на нивни лични податоци, па уште поретко се жалат кај институции“, додаваат од Агенцијата за заштита на лични податоци.
МВР со статистика, но без одговор дали податоците на граѓаните се безбедни
Во одговорот од МВР стои дека од 98 пријавени случаи, расветлени се 40, и покренати се кривични пријави против 16 лица. Но, никаде не е наведено дали МВР има сознанија од каде измамниците доаѓаат до точни информации за жртвите како што се адреси, семејни детали и навики, па дури и адресите на живеење.
Понатаму, се поставува и прашањето како е можно измамниците да располагаат со такви податоци, ако тие не се излеани од некоја институционална база или преку мрежа на лица со пристап до чувствителни информации?
Ниту институциите, ниту државата не ги заштитуваат граѓаните од стрес и финансиски загуби
Жртвите на овие измами, најчесто пензионери, поминуваат низ сериозен психички шок, а дел и со физички последици. Нема државна служба што се занимава со психолошка поддршка на измамените, ниту пак фонд од кој може да им се обештети дел од изгубеното.
Ова е алармантен повик институциите итно да преземат поорганизирани и ефикасни мерки, од подобра заштита на личните податоци, преку транспарентна истрага на можни извори на протекување информации, до јавна едукација на граѓаните и достапна поддршка за жртвите на ваквите измами.
Очигледно е дека апелите од МВР да се внимава не се доволни и не стасуваат до пензионерите, бидејќи во голем дел од случаите повозрасните граѓани во страв за иднината на своите деца за кои добиваат лажни повици дека направиле сообраќајки, ги даваат сите заштедени пари од дома. Измамниците се активни и вртат по телефоните секојдневно.
Катерина Додевска