Сепак, причините кои ги наведе премиерот за оваа иницијатија се натпартиски договор за теми и закони кои треба да дадат импулс на реформската агенда и забрзување на евроинтеграциските процеси. Како приоритетни ги наведе – изборот на нов народен правобранител (кој е закомплициран поради принципот на „Баденртер“ во собраниската процедура), законите во политичкиот систем, техничката влада… Тој додаде дека дневниот ред е отворен ако некој од поканетите политички субјекти мисли дека треба да дополни со некои други теми. Во првичната најава истакна дека очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата за лидерска средба.
„Јас очекувам и би било разумно да очекувам. Периодот е доволно долг – седум до десет дена, мислам дека е сосема разумен период за таа работа. Но, ајде да видиме. Ние како ВМРО-ДПМНЕ, јас како претседател на Владата, ќе испратам таков еден допис, една покана. Мислам дека тоа би било еден добар потег да седнеме сите на маса и да поразговараме малку и за овие работи и за некои други работи. Дневниот ред не е затворен, може да биде и дополнет од нивна страна. Не сакам да бидам јас тој што ќе каже ова се точките, затоа што знам како ми било мене во минатото кога ме канеле на лидерска средба – ова се точките, прифаќаш или не прифаќаш. Ние малку, би рекол, растегливо се однесуваме, позрело, не сакаме да им правиме на луѓето тоа што не сакаме тие нас да ни прават, па да видиме“, рече Мицкоски.
Разговори за техничката влада – подгревање на надежите за избори
Од сите политички теми кои ги наведе Мицкоски како причина за лидерска средба, техничката влада, наречена уште и „пржинска влада“ се чини дека го привлече најголемиот политички интерес. Техничката влада е воведена како специфичен модел во македонскиот изборен систем во 2015 година, како резултат на тогашниот Пржински договор.
Техничката влада, или прецизно кажано привремена влада во последните 100 дена пред изборите, е решение воведено со преговорите од Пржино во 2015 година и стапија на сила пред изборите во декември 2016 година. Нивната тогаш декларирана цел беше враќање на довербата во изборниот процес на тој начин што се именува друг, технички премиер од владејачките партии, а опозицијата номинира привремени министри во труд и социјална политика и во МВР, како и тројца дополнителни заменици министри во ресорите финансии, земјоделие и администрација. Значи, идејата беше контрола на предизборниот процес и самите избори преку клучни ресори кои имаат влијание врз општеството, преку своите надлежности и финансиите со кои располагаат. А овие десетина години се одржаа три циклуси на парламентарни избори според тој пржински модел со техничка влада од 100 дена, на која во два случаи ѝ беше пролонгиран рокот на траење (во 2016 и 2020), поради промени на датумот на одржување на изборите.
Во секој случај, од целите на Пржинскиот договор, речиси ниту една не исполни до крај, ниту онака како што беше замислена за Македонија да се упати на вистинските патеки на „демократијата и евроинтеграциите“, но техничката влада продолжи да функционира по некоја политичка инерција. Всушност сериозни разговори за укинување на оваа „привремена“ законска солуција за враќање на довербата не се водени, иако повремено и двете големи партии во македонскиот блок, а и ДУИ во албанскиот, пројавувале амбиции да се укине техничката влада.
Така што, може да се каже дека сегашната најава на премиерот Мицкоски за лидерска средба на која меѓу другото би се разговарало и за можноста за укинување на техничката влада пред избори е своевидна прва конкретна иницијатива.

Сепак, ваквата иницијатива повеќе ги подгреа политичките надежи за предвремени избори, со различни мотиви кај власта и опозицијата. Уште пред одржувањето на локалните избори во октомври, минатата 2025 година ДУИ, како опозиција од албанскиот блок партии очекуваше дека тие би биле само „предигра“ за предвремени парламентарни избори. Исто и опозициската СДСМ во разни наврати споменува предвремени избори – некогаш артикулирајќи ги како нејзино барање, а другпат како прочитана „скриена“ намера на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак во повеќе прилики кога бил прашан на оваа тема, одговарал дека ним како политичка партија можеби и им одговараат предвремени избори со оглед на рејтингот што ценат дека го имаат за да си го потврдат и продолжат мандатот. Но сепак смета дека таков чекор не би бил во интерес на државата и процесите кои се започнати во смисла на реформи и евроинтеграции. Токму техничката влада дена би предизвикала блокирање на процесите од интерес на државата на повеќе од 100 дена, речиси до 6 месеци.
Спорна уставност на пржинската влада
Досегашното практикување на пржинскиот договор во два наврата, покажа меѓу другото дека овој документ сепак е многу непрецизен и остава простор за „креативно политичко толкување“ на околностите и ситуациите, што често ја доведува во прашање правната легитимност за сметка на политикантските толкувања на конкретните ситуации. Речиси десетина години по потпишувањето на пржинскиот договор и организирањето на парламентарниот изборен процес според неговите параметри, во македонското општество и понатаму се активни реалните дилеми за неговата уставност, односно усогласеност со македонскиот Устав!
Политичките аналитичари пак честопати низ годиниве укажуваат дека постоењето на институтот техничка влада во Македонија е замислена. Велат дека таа била замислена како влада со специфична задача за премостување една состојба на нефункционална држава со недоверба во институциите, за да обезбеди услови за спроведување избори во чии резултати граѓаните ќе имаат доверба и ќе ги врати државата и институциите во рамките на демократските стандарди. Тоа било решение за еднократна употреба и откако ја завршило својата задача со надминување на состојбата на „заробена држава“, требало да престане да постои институтот техничка влада. Но потенцираат дека во Македонија ваквите еднократни решенија стануваат институции, кои продолжуваат да имаат свој посебен живот, дури и кога се надминати состојбите поради кои се донесени и стануваат извор на неправо. Кога продолжуваат да опстојуваат овие решенија за еднократна употреба, стануваат рак-рана на општеството. Изворот на правото треба да бидат Уставот и законите! Некои правни експерти сметаат дека техничката влада требала да престане да постои по нејзиното прво издание во 2016 година.
Ј.П.






