ТАВ Македонија, подружница на ТАВ аеродроми, аеродромскиот оператор на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, најави нови директни авиолинии до главни европски дестинации: Стокхолм (Шведска), Бари (Италија), Мадрид (Шпанија), Прага (Чешка), Келн (Германија) и претходно најавената Ларнака (Кипар), на кои ќе сообраќа Визер.
„Со овие нови дополнувања, Меѓународниот аеродром Скопје и натаму се позиционира како растечки регионален центар, нудејќи им на патниците поширок избор на директни летови до дестинации за одмор и бизнис. Новите дестинации, исто така, придонесуваат кон мисијата на ТАВ Македонија за олеснување на мобилноста и пристапноста, а воедно и одржување на највисоките стандарди за безбедност, ефикасност и патничко искуство“, велат од компанијата.

„Овие нови авиолинии ја демонстрираат посветеноста на ТАВ Македонија за проширување на поврзаноста и можностите за патување. Обезбедувањето дестинации како Стокхолм, Бари, Мадрид, Прага, Келн и претходно најавената Ларнака – особено новите пазари – бара долгорочни преговори и тесна соработка со авиокомпаниите и туристичкиот сектор. Како аеродромски оператор со визија и стратегија да го направи Меѓународниот аеродром Скопје регионален центар, со огромната поддршка од Владата, и нашата програма за стимулации, нашата цел е привлекување авиопревозници, особено за воведување летови до популарни дестинации за одмор. Овие нови авиолинии отвораат нови можности за туризам, вклучувајќи летни одмори и краток одмор во европски метрополи, со што се зголемува одржливиот сообраќај и се зајакнува нашето присуство на европската туристичка мапа. Конечно, ваквите развојни активности го зголемуваат и бројот на странски туристи во земјава преку овие авиолинии, придонесувајќи за одржлив раст на сообраќајот“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
За Стокхолм, Бари и Мадрид има три летови неделно, за Прага и Ларнака ќе се лета два пати неделно. Летовите до овие нови авиолинии ќе стартуваат со почетокот на зимската сезона 2025/2026, т.е. крајот на октомври, почетокот на ноември и декември.






