среда, 4 март 2026
Сите го слушале насилството, соседи пријавувале постојано, ама никој не им помогнал

„Тато, немој, ќе ја убиеш мама“, се слушале врисоци од станот во кој живееја починатите мајката и дете во Карпош

Танкица Младеновска, Емилија Пешева, Росица Коцева, Ивана и Катја Јовановски… Ова не се само имиња и презимиња, ова се жртви на семејно насилство, човечки судбини чиј последен здив се должи на пропусти на институциите. Овие жени, а меѓу нив и едно дете, не добија право на сигурен и безбеден живот, на насмевка, на среќа, на мир, на ден исполнет со радост, туку само крици во кои се гушеле со денови, месеци, години, ама никој не ги слушнал, односно ги слушнале, ама доцна, кога нивните животи веќе згаснаа.

Објавено на

часот

Сподели

Единствена што се спаси од канџите на насилникот беше Павлинка Иловска, Пале од Велес, која на тепањето на најзиниот насилен партнер одговори со убоди од нож и го усмрти. Пале доби ослободителна пресуда бидејќи доказите покажаа дека таа убиството го извршила во миг кога се борела за својот живот. Едно по друго, случаите што завршува со насилна смрт на жени секогаш имаа претходница на пријави за семејно насилство.

По стариот Закон за кривична постапка, во случај кога се работи за модринки, гребаници, полесни повреди, насилникот се гонеше само ако жртвата против него поднесеше тужба и се согласеше тој да се гони по судски пат. Но со измените на ЗКП, кои во Собранието беа изгласани во јануари годинава, а чиј Указ беше потпишан од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, насилството повеќе не е приватна работа.

Или барем така требаше да биде. Пред неколку дена мајка со дете в раце скокна од зграда во скопската населба Карпош. Од вкупно 150 стана во зградата, речиси сите знаеле дека во станот со број 57 има семејно насилство, дека мајката трпи тупаници, а детето тоа го гледа.

Сосетка од зградата, потресена од она што се случило, за МКД.мк раскажа дека сите знаеле, ама никој не успеал да ги заштити мајката и детето, кои починаа на таков суров начин.

Повеќе од две години сега починатата мајка трпела насилство, но живеела повлечена во себе. Сосетката пријавувала, но полицијата очигледно не ја заштитила жената од насилниот сопруг.

„Не можам уште да сфатам и да прифатам дека ова се случи. Не можам, а пријавував, многу пати пријавував. Јас живеам на трети кат, а тие на шести по иста вертикала во зградата. Ноќе, кога сѐ беше тивко, во тој стан се фрлаа столови, се кршеа предмети, се слушаа врисоци. Еднаш го чув девојчето како вели: ‘Немој тато, ќе ја убиеш мама’. Пријавував, постојано пријавував, ама ете, бадијала. Најодговорно тврдам дека има пријави во Полициската станица во Карпош бидејќи јас лично сум ги поднесувала. Доаѓаа полицајци, од нив имаше и културни, но имаше и такви што мене ми се обраќаа со висок тон, дека јас треба да им кажам точно каде има врисоци. Па јас пријавив, нивна работа беше да го најдат насилникот и да постапат“, вели сосетката, чие име ѝ е познато на редакцијата, а стои во евиденцијата на МВР како пријавителка за насилството што му претходело на овој трагичен настан.

Таа ни рече дека никој не можел да ја заштити жената од насилникот, но дека МВР треба да одговори како човек што имал неколку кривични пријави за дрога останал на слобода и никој ништо не му можел, а згора на сѐ го малтретирал и семејството.

„Пријавувавме, ќе дојдеше полиција, ќе го викнеа во станица, ќе го пуштеа, па тој се враќаше дома и уште повеќе ја тепаше. И тоа траеше повеќе од 2 години. И пред да се случи трагедијата имаше голема расправија меѓу нив, тој излезе долу со другар, а таа со детето падна од терасата. Трагедија голема е тоа, ама мора некој да одговара зашто сите знаеја, а никој не ја заштити“, додава нашата соговорничка.

Мајката што падна од зграда со детето во рака била ситна по раст, слаба жена, за која соседите велат дека со еден удар насилникот можел да ја повреди многу. Таа најчесто седела со детето сама дома и не излегувала многу. Во понеделникот кога се случи трагедијата го зела детето од училиште и потоа двете заедно починаа во трагичниот настан, за кој е отворена истрага.

Адвокатката Котеска Снисниоска: Со семејното насилство не се бори по смртта

Адвокатката Катерина Котеска Стисниовска, долгогодишен познавач на работите поврзани со пријавите за семејно насилство, за МКД.мк појаснувајќи го правниот аспект вели дека не треба да се бориме против семејното насилство кога ќе се случи смртна последица, туку тоа треба да се направи многу порано.

„Борбата против семејното насилство не треба да се иницира кога ќе се случи семејно насилство со смртна последица. Институционално треба да се бориме секојдневно и секој во својата област на работење да придонесува согласно со законските овластувања. Потфрлањето е во непроценувањето на ризикот и непреземањето конкретни дејствија за заштита на жртвата. Освен проблемите од кои патат институциите, како што се претрупаност со работа поради недостиг од вработени и недостиг од финансиски средства, потребно е детектирање на нестручноста и неспособноста во извршувањето на обврските по закон. Институциите се должни да постапуваат со должно внимание и не смеат да ја ревиктимизираат жртвата. Имаат обврска да го детектираат степенот на ризик и да преземат конкретни мерки според спецификите на случајот. Не е доволно да се спроведува ист аршин за сите“, појаснува адвокатката.

Таа додава дека со новите измени на Кривичниот законик не е потребна согласност од жртвата за водење кривична постапка.

„Со новите измени на Кривичниот законик не е потребна согласност на жртвата за водење кривична постапка за дела сторени при вршење семејно насилство, но не е доволно само да се прифати изјавата на жртвата, туку и да се испита зошто таа ја дала таа изјава. Да се изврши методолошки пристап кон случајот од сите аспекти и да се насочи жртвата да се бори самата за да се спаси, при што институциите би ѝ обезбедиле поддршка и помош. Не смееме да бидеме апатични и да одиме по линија на помал отпор. Постапувањето со оваа материја треба да им се довери на поединци што се стручни, специјализирани и кои имаат волја и лични капацитети за работа во оваа област. Треба да се направи силна, издржана и опсежна национална стратегија за справување со семејното насилство, која ќе придонесе да се утврдат конкретни чекори и насоки за постапување. Ревизорскиот извештај потврди дека од 2023 година веќе трета година немаме национална стратегија, што се чувствува во порастот на процентот на случаите на семејно насилство“, дополнува Котеска Стисниовска.

Починатата жена од Карпош трпела насилство, била тепана дома, а и пред влезот на зградата. Полицијата ги подигна и снимките од видеонадзорот на камерите од зградата каде што се случи трагедијата.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против скопјанец за кого постојат сомненија за сторени кривични дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата, соопшти синоќа Јавното обвинителство.

Иако осомничениот не е наведен со име и презиме, според описот на кривичните дела за кои е осомничен, станува збор за Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана и татко на шестгодишната Катја, кои вчера починаа по пад од тераса од семејниот дом во скопската населба Тафталиџе. Предлогот е прифатен и тој е во притвор, а надлежните собираат докази против него.

Пред падот од балкон на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја вчера имало и расправија помеѓу сопружниците, откри вчера на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој изрази сочувство и како што рече, ги споделува болката и револтот што се чувствуваат во јавноста.

„Има видеозапис каде што се гледа како сторителот, сопругот, ја удира жртвата. Тоа се случило истиот ден“, кажа вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и додаде дека тоа се случило околу 12 часот.

Министерот Тошковски рече дека во изминатите години СВР-Скопје поднело вкупно 10 кривични пријави против Јовановски во делот на областа насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога.

„Во декември 2025 година по лишување од слобода за кривично дело по член 215 од КЗ за трговија со дрога, бидејќи кај истиот биле пронајдени 20 паковки со дрога, истиот бил лишен од слобода, при што Министерството за внатрешни работи почнало брза постапка и доставило кривична пријава до надлежен јавен обвинител“, вели Тошковски.

Денес беа погребени починатите мајка и ќерка, а продолжува истрагата за она што претходно се случувало и за тоа дали некој ќе одговара што било пријавувано насилство, а не се постапувало.

Да потсетиме и на останатите жртви што го загубија животот, а претходно трпеа насилство:

Емилија Пешева од Штип, убиена на 29-години близу нејзиниот дом, од Фадил Зејнелов, од кого претходно трпела насилство.

Танкица Маладеновска (41) од Кочани, убиена на 25 септември 2023 година со 40 убоди од нож, а претходно пријавувала насилство и била демнета од Усеин Рашидов, кој доби доживотна казна и се самоуби во затвор во Куманово.

Росица Коцева од Велес, убиена на 39-годишна возраст, во септември 2025 со убоди од нож, од поранешниот партнер Илија Стефановски, кој потоа се самоуби.

Ова се само дел од имињата во последниве две години. Да не ја заборавиме и 36-годишната Вангелица Илијевска, која во јуни пред две години ги уби сопругот и свекорот во домот во Кратово. Таа посегна по нивните животи откако повеќе од 10 години трпела семејно насилство од кое никој не ѝ помогнал да се спаси. Против неа се води судска постапка во Основниот суд во Куманово.

Велешанката Пале Иловска, која во 2022 со нож го уби својот насилен партнер откако тој ја тепаше и малтретираше, беше целосно ослободена од вина.

Дали ќе се прекине низата на трагедии поттикнати од семејно насилство и дали со име и со презиме некој ќе понесе одговорност, се чека да одговорат институциите.

Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ