четврток, 19 јуни 2025

Татковината не се менува, не се напушта и не се продава – таа се брани, порача Мицкоски

Татковината била и ќе продолжи да биде живо ткиво составено од историја, традиција и заеднички стремежи. Татковината не се менува, не се напушта и не се продава – таа се брани и се гради! Македонија, иако мала, никогаш не се откажала од својот идентитет. Денес, кога некои се обидуваат да го редефинираат семејството, ние се обидуваме да ја заштитиме таа основна клетка и вредност. Семејството е нашиот темел, нашите татковини се нашата основа. Верувам дека овој е патот кој треба да го изодиме, порача премиерот Христијан Мицкоски од Будимпешта.

Објавено на

часот

Сподели

Тој денеска во своето обраќање на Конференција на конзервативната политичка акција напомена дека унгарскиот премиер Виктор Орбан, е еден од лидерите кои ги промовираат вредностите во Европа и за чија активна улога треба да биде поддржан и поздравен.

„Да не ги заборавиме нашите пријатели кои ги штитат овие вредности. Нашиот пријател премиерот Виктор Орбан е еден од лидерите кои ги промовираат вредностите во Европа и за чија активна улога треба да биде поддржан и поздравен. Тоа е политика на цврсти основи и политика каде зборот е збор, цврст како карпа. И му благодарам за тоа. И ветриштата на промени кои ги започна администрацијата на претседателот Трамп е политика на раст и враќање на надежта“, рече Мицкоски.

Според него, патриотизмот не е некаква ретро-идеја, туку единствениот пат кон просперитетна иднина.

„Живеејќи во времиња, кога лажните наративи се обидуваат да ги избришат или да ги релативизираат нашите национални идентитети, ние сме тука за да го потврдиме спротивното. Патриотизмот не е некаква ретро-идеја, туку единствениот пат кон просперитетна иднина. Прво и основно – Бог“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во време кога христијанските вредности секој ден се напаѓаат, никогаш нема да се откажеме од духовното наследство на рамноапостолите.

„Во време кога христијанските вредности секој ден се напаѓаат, исмејуваат и исклучуваат од јавниот дискурс, ние сме повеќе од сигурни: никогаш нема да се откажеме од духовното наследство на рамноапостолите, светите браќа Кирил и Методиј кои од Македонија ја донесоа писменоста и христијанството помеѓу словенскиот свет. Второ – Татковината. Таа – нашата родна грутка – не е само некаков географски поим“, рече Мицкоски.

Како што подвлече, низ нашата многувековна историја научивме дека слободата се плаќа со жртви.

„Денес, во духот на соработката, длабоко ја цениме поддршката на нашите стратешки партнери, како што впрочем е и Унгарија – чиј пример нè инспирира уште повеќе да ги застапуваме вредностите во кои веруваме.  И конечно – семејството. Најсветата институција што ја создал Бог.  Денес, кога некои се обидуваат да го редефинираат семејството, ние се обидуваме да ја заштитиме таа основна клетка и вредност. Семејството е нашиот темел, нашите татковини се нашата основа. Затоа што многу добро знаеме дека секоја нација е силна колку што се силни нејзините семејства“, додаде Мицкоски.

Тој во своето обраќање повика да се зајакне нашата духовна отпорност, суверенитетот и традиционалното семејство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ