„Не се сеќавам што точно сум им зборувал на инспекторите, но во текот на целата истрага се обидував суптилно да ги наведам на правиот пат. Какви сѐ не небулози слушнавме во текот на истрагата“, рече Ѓорчевски одговарајќи на прашањата на Обвинителството.
Прашан дали излегол надвор да ја бара Вања на Водно, рече дека излегол и ги следел инспекторите Музафер и Славчо и кажа дека и таму двајцата не поминале повеќе од 15 метри во приметар, сведочеше Ѓорчевски, иако инспекторите во нивните сведочења тврдеа дека Ѓорчевски воопшто не излегол од возилото за да ја бара Вања. Прашан дали имал средба со началникот Музафер и Гоце Трајковски на која средба рекол дека Вања е киднапирана и убиена, а доколку не е – да се најде некој за да се праша за откупот за Вања, Ѓорчевски рече дека ниту во еден момент не сакал да помисли дека Вања е убиена и сигурно не го кажал тоа.
Понатаму, Ѓорчевски сведочеше дека повеќе разговарале Гоце и Музафер, отколку што зборувал тој. Зборувајќи за станот што мајката на Вања, Зорица му го припишала нему, иако биле разведени и зошто не бил докрај реализиран тој договор за дар и зошто не бил евидентиран во имотен лист, како и зошто не се согласил да биде потпишан кај нотар, Ѓорчевски рече дека не е точно дека не сакал договорот да биде спроведен до крај, односно дека тој го презел целиот товар и ги обезбедил сите потребни документи.
„Документите три – четири пати бил на корекција, па фатија одмори, на Зорица ѝ ја чукнаа новата кола… Требаше да ја прашате Зорица која беше сведок тука, дали било кога сум ретрирал, или сум одбил што било за солемнизацијата на тој договор. И не знам како договорот го поврзувате со ова. Да бев таков монструм за каков ме претставувате цело време- и мене, и моето семејство, и цело време нѐ понижувате дека не сме сакале ништо да работиме, тогаш ќе ја одбиев Зорица, а и едниот стан којшто е мој, немаше да ѝ го препишев на едната ќерка. Не знам како овој момент има поврзаност со убиството и со овие луѓе во судницата“, рече Ѓорчевски.
Прашан дали немал ниту желба, ниту волја становите, особено оној на ул. „Наум Наумовски Борче“, каде што жевеела Вања со мајка ѝ и сестра ѝ, да бидат запишани на име на неговите деца, па затоа не презел ништо, туку секогаш пројавувал отпор, Ѓорчевски рече дека напротив, вложил голем напор да ги обезбеди сите документи и рече дека не бил под никаков притисок дека мора итно да биде солемнизиран договорот.
„Впрочем и за договорот со кој мене ми беше препишан еден од становите на мое име, од договорот со Зорица до реализацијата помина една година“, рече Ѓорчевски.
Од доказите произлегува дека вие, а не Гоце Трајковски сте им праќале скриншотови на началникот на полицијата и во истата комуникација му велите , “сега ќе ти го најдам од Лукоил на Партизанска, времето е тамам овој да дотрча до таму, ‘цитроенот’ е тамам запален….” и после праќате скриншотови од белото комби. Дали мислевте на ‘рено кангуто’, го праша обвинителката Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања.
„Се сеќавам на тоа, и не мислам на ‘рено кангуто’, туку на едно бело огромно комби, фургон. ‘Кангуто’ прв пат го видов тука. Не се сеќавам дека на Дејан сум му пратил скриншот. Но, ако велите така, сигурно сте во право”, одговори Ѓорчевски.
Тој потврди дека на снимките кои ги прегледувал со Гоце Трајковски не се гледа ни која марка е возилото, ниту колку луѓе има, ниту регистарските таблички. А за „цитроенот“ рече дека прво за тоа возило дознале од „Сејфсити“, па дознале за случајот со Панче, па дека колата е запалена и тоа било во растојание од неколку денови.
„Ако добро разврав, Гоце прв ја известил полицијата и открил дека запалениот ‘цитроен’ е тоа возило“, праша обвинителката
„Мојата перцепција е дека Гоце го забележал ‘цитроенот’ на ‘Сејфсити’ па ги известил инспекторите. Не се сеќавам дека јас сум пратил некои видеа на инспекторот, но ако така сте евидентирале, тогаш така е“, одговори Ѓорчевски, пред втората пауза од денешното рочиште.
Во продолжение на рочиштето, прашања до таткото на Вања Ѓорчевска, упати и првообвинетиот Љупчо Палевски.
На прашањето на Палевски, дали Ѓорчевски знае дека тој имал комуникација со кој било член од неговото семејство, Ѓорчевски рече дека прв пат го видел во судница, дека не познава ниту од втора рака човек што го познава него, вклучувајќи го и неговот семејство. Ѓорчевски рече дека на секое наредно прашање на Палевски нема да одговара, на што судот му предочи на Ѓорчевски дека Палевски има право да прашува. Ѓорчевски на сите други прашања на Палевски одговараше дека нема коментар.
Искра Опетческа