понеделник, 15 декември 2025

Татјана Димитровска и официјално повеќе не е претседателка на Антикорупциската комисија

Собранието денеска на почетокот на 64-та седница ја констатира оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска. По констатирањето на оставката од Собранието во рок од десет дена треба да се состане Комисијата за прашања на изборите и именувања и да донесе одлука за распишување на јавен оглас за избор на претседател и нов член на Антикорупциската комисија. Димитровска поденесе оставка во петокот на 25 јули, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и поднесе обвинение за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна и за компјутерски фалсификат.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека до почетокот на седницата, Димитровска го известила Собранието дека ќе ја образложи оставката.

„Собранието врз основа на член 121 став 2 од Деловникот на Собранието констатира дека и престанува функцијата претседател на Државната комисија за спречување на комисијата“, истакна Гаши.

Димитровска поднесе оставка во петокот на 25 јули, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и поднесе обвинение за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор, тогаш нејзин колега, од Државниот завод за ревизија (ДЗР) во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна. Димитровска во оставката се повика на чл. 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупција без друго образложение.

По констатирањето на оставката од Собранието во рок од десет дена треба да се состане Комисијата за прашања на изборите и именувања и да донесе одлука за распишување на јавен оглас за избор на претседател и нов член на Антикорупциската комисија. Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Ѓорѓија Сајкоски за МИА вели дека седницата на ова собраниско тело ќе биде свикана веднаш по констатирањето на оставката, најверојатно во среда или во четврток и дека тогаш, меѓу другото, ќе биде донесена одлука за распишување јавен оглас.

 

Имајќи го предвид најавеното распишување на локалните избори за 8 август, Сајкоски потенцира дека од една страна треба да се почитуваат сите законски одредби, но од друга страна ДКСК треба да има претседател, бидејќи ќе има локални избори и оти затоа ќе бидат консултирани сите потребни чинители. Како што кажа, ќе биде побарано мислење од самата Државна комисија за спречување на корупцијата, но и од Уставниот суд. Од овие мислења, додава Сајкоски, ќе видиме како ќе ја движиме постапката.

 

На членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувања им е најавено дека за да се заврши се поскоро ќе бидат повикувани и за време на планираниот одмор за пратениците од 1 до 15 август.

Собранието на барање на пратеничката група на Европскиот фронт даде пауза од еден час, по која се очекува да се расправа за интерпелацијата за работата на Републичкиот Јавен обвинител  – Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската Левица.

Засега се знае дека за интерпелацијата ќе гласаат пратениците на Левица, СДСМ се изјасни дека се против, лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски изјави дека нивните пратеници ќе ја поддржат интерпелацијата, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште не соопштила како ќе се изјасни, а ДУИ најави дека тоа ќе го направат денеска. На новинарско прашање во врска со тоа како ќе гласаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за интерпелацијата на Коцевски премиерот Христијан Мицкоски вчера кажа дека како политичка партија и тој како човек не ги менуваат ставовите преку ноќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ