понеделник, 19 мај 2025

Таравари: Распишувањето на предвремени избори зависи од ВМРО-ДПМНЕ

Министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари на новинарско прашање околу можноста за предвремени избори рече дека како партија не се заинтересирани тие да бидат наесен, но, ќе се подготват ако бидат распишани. А, вицепремиерот, министер за транспорт и врски и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вечерва изјави дека не е оставен никаков простор за соработка со ДУИ на ниту еден елемент од Владата и по ниту една основа и дека тоа е главната забелешка кон Таравари и кон неговото однесување.

Објавено на

часот

Сподели

„Дали ќе се оди на парламентарни избори тоа ексклузивно зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие одлучат така, тогаш мора да се оди. Начелно сметам дека прво треба да има локални, па идната година да се оди со предвремени парламентарни. Меѓутоа ако дојде до ситуација да имаме двојни избори, тогаш ние ќе се подготвуваме и ќе дадеме максимум за добри резултати“, рече министерот Таравари по настан за одбележување на 30 години УНДП во Македонија.

Давајќи појаснување на прашањето околу разговорите со премиерот Христијан Мицкоски, Таравари напомена дека тие поминале во конструктивна атмосфера и оти не е решено дали ќе истапи од Владата

„На две столици не можеме да седиме. Пред два дена имав конструктивен разговор со премиерот Мицкоски, тој кажа и јас кажав што мислам и останавме на став да продолжиме со разговорите“, подвлече Таравари.

Тој смета дека евентуалното напуштање на владината коалиција нема да предизвика парламентарна криза и беше недвосмислен дека тоа не може многу да влијае врз стабилноста на Владата.

„Не може да дојде до парламентарна криза, бидејќи има бројки. И без на нас има 73 што е мнозинство. Може да се случи и некој пратеник од „фронтот“ да влезе во Влада, па така сметам дека нашето излегување нема да биде проблем за делување на владата. Нашата интенција и тенденција не е да предизвикаме политичка криза“, рече министерот за здравство Арбен Таравари.

За евентуална соработка со доскорешните партнери во коалицијата ВЛЕН тој кажа дека не останало простор за да се преговара и дека сега се сконцентрирани на локалните избори

„Алијанса за Албанците како и секоја друга партија сака да освои повеќе општини. Одлуките ги носиме автономно во органите на партијата и ќе решиме како понатаму. Токму сега кога шансите за преговори со ВЛЕН се на нула, сакаме да донесеме рационални одлуки кои ќе бидат во корист на државата во живееме и секако за партиите“, рече Таравари.

Тој напомена дека уште вечерва ќе почнат со подготовките и избор на кандидати за градоначалници во општините Гостивар и Врапчиште, а денес или утре да се формира изборниот штаб.

А, вицепремиерот, министер за транспорт и врски и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вечерва изјави дека не е оставен никаков простор за соработка со ДУИ на ниту еден елемент од Владата и по ниту една основа и дека тоа е главната забелешка кон Таравари и кон неговото однесување.

Николоски не верува дека Таравари е толку наивен да изврши политичко самоубиство и да заврши во прегратките на ДУИ.

Тој во гостување на Сител потврди дека премиерот Христијан Мицкоски имал средби изминатиот период со партнерите од Владата. Оцени и дека би било добро и за функционирањето на Владата и за политичкиот живот во Македонија, особено за етничките Албанци, да дојде до смирување на ситуацијата околу наводното излегување на Таравари.

Според вицепремиерот, министер и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владата е стабилна, ВМРО-ДПМНЕ заедно со ЗНАМ има 66 – 67 пратеници што е, рече, многу комотна бројка.

„Точно е дека имаше средби изминатиот период со партнерите од Владата. На дел бев и јас присутен. Разговаравме, комунициравме. Премиерот има многу јасна визија каде сака да се движи државата, но она што е клучно во неговата визија е едно од трите најважни изборни ветувања, дека мора да имаме силна битка со организираниот криминал и корупцијата кои беше најмногу олицетворени во ДУИ. Ветивме дека ДУИ ќе биде и е во опозиција. Затоа, не оставаме никаков простор за соработка со ДУИ на било кој елемент од Владата и во која било форма: формална, неформална, само за локални избори, и тука е главната забелешка кон Таравари и неговото однесување. Веќе кажав дека со целото искуство што го има Таравари, не верувам дека е толку наивен да изврши политичко самоубиство и да заврши во прегратките на ДУИ. Се надевам нема да ме демантира“, подвлече Николоски.

За него е премногу шпекулативно Алијанса на Албанците на Села да влезе во Владата.

„Тоа е исто така дел од друштвото на ДУИ, принципите се исти, во политиката никогаш не се пресекува до крај, но, ако денес треба да одговорам, би рекол дека е повеќе е шпекулативно, отколку релативно“, потенцира Николоски.

Во врска со локалните избори најави дека во втората половина на летото ќе се искристализираат кандидатите за градоначалници за Скопје, а кон крајот на мај и почетокот на јуни кандидатите за другите општини. За втор мандат одлуки партијата се уште нема донесено, но во неколку големи општини каде градоначалниците имаат одлични перформанси, ќе им се даде шанса да трчаат повторно.

Став на Николоски е дека граѓаните не го поврзуваат ВМРО-ДПМНЕ со Данела Арсовска.

„Одлуката на претходните локални избори донесе пообеда за Скопје, но, денес е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ беше главниот носител на победата. Партијата имаше јасна стратегија, има и сега. За жал, Данела потфрли и тоа е факт. Апсолутно чувствуваме грижа, но луѓето прават јасна дистинкција, не ја поврзуваат со ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ