„Во изминатиот период, јавноста беше сведок на настани и случаи кои дополнително ја засилија загриженоста околу интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и обвинителството. Таквите појави не смеат да се релативизираат, ниту да се игнорираат“, рече Филков.
Тој посочи дека долготрајното нерешавање на предметите за висока корупција и отсуството на институционален одговор за очигледни сомнежи ја рушат довербата во системот.
„Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор – тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата?“, рече министерот.
Како особено алармантен пример, министерот го наведе случајот со апелациониот судија кај кого беа пронајдени 350 илјади евра заѕидани во ѕид.
„Тоа не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем“, изјави Филков, додавајќи дека овој случај дополнително ја нарушува довербата во судството и ја доведува под прашалник функцијата судија „која треба да биде во служба и интерес на граѓаните, а не привилегија“.
Министерот укажа и на сериозните предизвици во работењето на Обвинителството, меѓу кои недоволната ефикасност, ограничените капацитети и недостатокот на решителност во справувањето со најтешките облици на криминал.
„Истражувањата за перцепцијата на корупција покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена. Таа доверба не може да се врати преку ноќ, ниту со една одлука“, нагласи тој.
Додаде дека проблемите се системски и бараат долгорочни, темелни интервенции.
„Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори“, нагласи министерот.
Министерството за правда, како што најави Филков, ќе реагира на сите случаи каде што постојат индиции за злоупотреби, а слабостите во системот ќе бидат адресирани со соодветни институционални интервенции.






