Александра Вуканова ученичка во СОУ „Јане Сандански“-Штип во говорот на Градскиот плоштад Слобода пред своите сокласници и ученици од другите средни училишта во Штип порача: „Денеска сме овде ќе ги сплотиме сите наши сили и ќе се бориме до крај, за сите наши другарчиња, за сите наши идоли, за сите наши колеги, родители – ќе се бориме до крај. Ова нема да остане неказнето, сите мора да ја добијат својата казна“.
Таа истакна дека доколку сме сите заедно, сите до крај сплотени, сигурно ќе добиеме нешто, воедно најавувајќи дека и утре ќе имаат протест во Штип.
„Да, утре повторно сакаме да имаме протест, со цел да добиеме нешто, виновните да добијат казна за сите свои злосторства, коишто ги направиле“, изјави Вуканова.
Средношколците низ штипските улици се движеа со транспаренти на кои беа испишани пораките: „Бидете ангели на небото, како што бевте и на земјата“, „Дискотека Пулс го сопре пулс„от на цел еден млад свет“, „Тагата е наша, вината е ваша“, „Убиство на младината е убиство на иднината“ итн.

Речиси во исто време, средношколци и студенти од Битола, со свеќи и цвеќе в рака, на плоштадот Магнолија оддадоа почит на трагично загинатите врсници од Кочани.
Пораките од младите битолчани се искажаа со транспаренти на кои пишува: ,,За туѓи бели дворови, копај си црни гробови”, ,,Не умираме од несреќи, умираме од корупција”, „Врските убиваат!”, „Последна почит за ангелите од Кочани”, „Ако утре ме нема ејј”, „Ќе немаше толку крв, да беше сè по закон”, „Светлината на младите не смее да згасне толку рано”…






