Психологот м-р Розита Андонова, член на Интернационалното психоонколошко здружение, активно се вклучи во иницијативата и го поттикна заедничкото учество на Факултетот по психологија при Меѓународниот Славјански универзитет и ЈЗУ Општа болница Гевгелија, со цел поврзување на теоријата и практиката.
Оваа иницијатива е одобрена од Меѓународното психоонколошко друштво, при што е добиена дозвола за користење на логото за одбележување на Светскиот ден на психоонкологија 2026. Настанот е објавен на веб-страницата и официјалните профили на социјалните медиуми на IPOS, а активностите се видливи и преку хаштагот #WPOD2026.
Светскиот ден на психоонкологијата 2026 ја истакнува потребата психолошката поддршка да биде интегрален дел од онколошката грижа. Болеста не го погодува само телото на пациентот, таа со себе носи и силен психолошки и социјален товар. Пациентот се соочува со страв, неизвесност, анксиозност, како и со финансиски потешкотии, стигма, дискриминација и социјална изолација. Како што посочи психологот м-р Андонова, исто така, важно е да се потенцира дека последиците од болеста се чувствуваат и во семејството, кое носи емоционален товар и се соочува со промени во секојдневното функционирање. Стекнувањето на основни познавања за психосоцијалните аспекти на онколошките заболувања придонесува за подобро разбирање на потребите на пациентите и нивните семејства, овозможува поцелосна грижа и го подобрува квалитетот на животот и процесот на лекување.

Во рамки на иницијативата се одржа стручно предавање на тема „Психосоцијални аспекти на онколошките заболувања“ на Факултетот по психологија на Меѓународниот Славјански универзитет, кое беше наменето за студенти по психологија, психолози и останати заинтересирани. Во болницата во Гевгелија секоја среда од 11:30 до 14:30 часот е овозможен отворен ден за онколошките пациенти и нивните семејства, испечатени се информативни летоци, а граѓаните можат се информирани и преку социјалните мрежи.
„Со ова се укажува дека темата има широка применливост и потреба да се отвори во повеќе сектори. Стекнувањето на основни познавања за психосоцијалните аспекти на онколошките заболувања придонесува за подобар третман на лицата заболени со канцер и нивните семејства, преку поцелосно разбирање на нивните потреби“, вели д-р Андонова.
Во Македонија, психолошката поддршка сè уште не е доволно интегрирана во здравствениот систем, а постои и одредена стигма поврзана со барањето помош. Ваквите иницијативи се важни затоа што отвораат простор за разговор, ја подигнуваат свеста и придонесуваат кон постепено воведување на психоонкологијата како стандард во грижата за пациентите.
Психолошката грижа е суштински дел од лекувањето. Зад секоја дијагноза стои човек кој има потреба да биде слушнат, разбран и поддржан. Барањето помош е знак на сила и грижа за себе. Да го направиме невидливото видливо.
Од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија изразуваат благодарност до Факултетот по психологија на Меѓународниот Славјански универзитет за соработката и поддршката, како и за препознавањето на значењето на поврзувањето на теоријата со практиката, што претставува клучен чекор во развојот на идните професионалци и до сите кои беа дел од организацијата и реализацијата на активностите, нагласувајќи дека ваквите иницијативи се чекор напред кон похумана и сеопфатна здравствена грижа.






