Клучниот пресврт во истрагата го донесе сведоштвото на лице, кое било вработено во служба за противпожарна безбедност и бил формално задолжен да предупреди на опасноста. Овој исказ стана главниот столб врз кој обвинителството ја гради тезата за убиство од небрежност. Според Свисинфо, лицето двапати ги известило сопствениците за опасноста која демне, но тие не одговориле никако на предупредувањата.
Медиумот објаснува и дека скалите од подрумот биле стеснети при реновирањата во 2015, што го создало и тесно грло при евакуација.
Еден од најкритичните елементи во истрагата е материјалот со кој бил обложен таванот на барот, кој се покажа како вистинска стапица за присутните. Новинарските извештаи од јануари 2026 година потврдуваат дека сопственикот Жак Морети сам го набавил и го поставил звучно-изолациониот материјал, што отвора сериозни прашања за усогласеноста на ваквата интервенција со противпожарните стандарди за безбедност во јавни објекти. Во текстот со наслов „Swiss fire bar owner officially remanded in custody“ објавен на 12 јануари, се наведува дека Морети сведочел оти купил евтина изолациска пена од обична продавница за железарија и самиот ја залепил на таванот без никаква консултација со стручни лица или проверка на нејзината отпорност на оган. Форензичките вештачења спроведени по пожарот покажаа дека на оваа пена, во контакт со искра од пиротехничките средства закачени на шишињата шампањ, ѝ требале секунди да се запали и да го претвори таванот во огнен дожд кој ослободувал екстремно токсичен чад. Овој „направи сам“ пристап на сопствениците не само што ја забрзал катастрофата, туку и ја конструира нивната индивидуална кривична одговорност, бидејќи свесно одбрале несоодветен материјал за простории каде што се собираат стотици луѓе.
Истрагата предводена од јавната обвинителка Беатрис Пилуд дополнително се зацврстува со сознанијата дека сопствениците манипулирале со безбедносните капацитети на објектот. Во анализата на медиумот Ватсон (Watson) се истакнува дека барот бил инспекциски проверен само три пати во текот на последните десет години, иако законската обврска налагала годишни контроли. Уште пошокантно е откритието објавено од националниот радиодифузер РТС во веста „Door of Swiss Bar Where 40 Died in Fire Was Locked“ од средината на јануари, каде се наведува дека сопственикот Жак Морети признал оти една од помошните врати која служела како излез за итни случаи била заклучена одвнатре во моментот на избувнување на пожарот. Сведочењето на вработен потврдува дека ова не било инцидент, туку вообичаена пракса за да се спречат гостите да влегуваат без платен влез или да излегуваат со пијалоци, со што сопствениците свесно ја жртвувале безбедноста за сметка на контролата на профитот. Истражителите пронашле неколку безживотни тела на млади луѓе натрупани токму пред таа заклучена врата, што дополнително ја засилува тезата дека небрежноста на менаџментот била директна причина за високиот број жртви.
Во одделни медиумски извештаи се наведува и дека Морети пријавил дека ја отворил вратата со сила и пронашол луѓе кои лежеле зад неа, што е еден од клучните факти што ги заострува прашањата за улогата на излезите во исходот.
Целокупната истрага укажува на тоа дека сопствениците на „Ла Констеласион“ систематски ги избегнувале правилата за заштита. Како што пренесува весникот NZZ am Sonntag во анализата за инфламабилните тавански панели, истрагата исто така се фокусира на претходните реновирања на барот во 2015 година кои биле извршени без да се побара дозвола за градежната активност, при што биле стеснети евакуациските патишта за да се добие повеќе простор за маси. Ваквото акумулирано непочитување на законите создава јасна слика за индивидуалната вина на семејството Морети, бидејќи секоја нивна одлука, од изборот на евтина пена до заклучувањето на излезите, водела кон крајниот трагичен исход. Истрагата сугерира дека без овие свесни и намерни пропусти, прскалката од шампањот би предизвикала само мал локализиран инцидент, а не масакр во кој досега згаснаа 41 млади животи.
Овој случај болно резонира со македонската јавност и неминовно ги враќа сеќавањата на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што сценариото е речиси идентично пресликано. Во Кочани, слично како и во Кран Монтана, бевме сведоци дека сопственикот по сопствена иницијатива го менувал и пренаменувал објектот. Паралелата е застрашувачка и во поглед на причините за пожарот, каде што недозволената пиротехника во затворен простор во комбинација со лесно запаливи материјали на таванот доведе до смрт на 63 млади лица. Трагедиите во Кран Монтана и Кочани се суров доказ дека кога профитот застанува пред безбедноста, а индивидуалната небрежност на сопствениците води до неизбежна и неповратна човечка катастрофа.
Р.Ф.
(Во серија текстови ќе се обидеме да дадеме паралела за трагедиите во Кочани и во Кран Монтана и начинот на кој швајцарските и македонските институции ја водат истрагата. За разликите во одговорот на институциите и поинаквото разбирање на концептот на одговорност со акцент на индивидуалната вина и конкретните дејства, наместо широка и генерализирана системска одговорност, како во случајот во Македонија.)
Кој е Жак Морети, сопственикот на објектот во кој згаснаа десетици млади животи?






