понеделник, 29 декември 2025
Вознемирувачки детали за ноќта на големиот пожар во Кочани

Сведоштво на мајка: Го кршев ѕидот за да влезам во Пулс, а ќерката Надица ми ја донесоа мртва

Со солзи, тишина и силни емоции продолжи денешното судење во дигиталната судница во Идризово, каде што како трет сведок сведочеше Габриела Наумова, мајка на Надица, која го загуби животот во трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани. Пред неа своите болни искази ги дадоа уште две мајки на загинати деца (Марија Петрушева, мајка на Андреј Петрушев и Ирена Минова, мајка на загинатата 16-годишна Драгана Минова), а атмосферата во судницата беше толку потресна што, освен родителите, солзите не можеа да ги скријат ниту дел од новинарските екипи.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Наумова со црна маичка на која беше ликот на починатата Надица пред судот раскажа за часовите на очај, страв и неизвесност во ноќта кога се случи трагедијата. Таа сведочеше дека веднаш тргнала да ја бара ќерка си, обидувајќи се да влезе во дискотеката, но била спречена. Во обид да помогне, таа повикала по своето дете и барала информации од присутните, без да добие одговор.

Во исказот наведе дека нејзиниот сопруг успеал да влезе внатре и да ја пронајде Надица, по што заедно побарале помош. Наумова пред судот посочи дека во тие моменти не добила соодветна реакција од присутните служби, а во очај се обидувала сама да направи сè што може за да ѝ помогне на ќерката.

Таа раскажа и за патот до кочанската болница, каде што, како што наведе, лекарите ја презеле Надица и ја внеле на хирургија, додека таа чекала во ходникот, молејќи се детето да преживее. Подоцна, според нејзиното сведочење, ѝ било кажано дека ќерка ѝ е почината, момент што го опиша како целосен колапс на нејзиниот свет.

Во продолжение на исказот, Наумова се осврна и на условите во кои работела дискотеката Пулс, наведувајќи дека објектот бил едно од ретките места за излегување во Кочани, особено во зимскиот период, и дека таму излегувале голем број граѓани, вклучително и јавни функционери. Таа посочи дека никој не очекувал дека објектот работи нелегално, сè додека не се случила трагедијата.

Целиот исказ на мајката го пренесуваме во целост со предупредување дека текстот е вознемирувачки:

„Го извикував името на Надица, ја барав, а видов хорор. Кога стасав пред дискотеката сакав да влезам, но не ме пуштија внатре. Слушав викотници од левата страна од кај женските тоалети и отрчав таму. Девојчињата се држеа на шипките, и викаа дајте ни воздух. Излегуваше црн чад, ги прашав дали Надица е таму, никој не ми одговори. Се вратив пред влезот на дискотеката, со тупаница го кршев ѕидот да им направам дупка да им пуштам воздух. Ми подадоа едно девојче да го земам, беше целото исцрнето, ја потпрев. Второто девојче што ми го дадоа беше мојата ќерка. Мојот сопруг влегол во дискотеката и ја нашол Надица. Кога сопругот Аце ми ја подаде Надица, клекнав да ја држам исправена.

Очите ѝ беа отворени, побарав помош, барав вода. Дотрча едно дете, ми донесе вода, ја прскав по обравчињата, ама таа не реагираше. На сопругот му реков да оди да ја донесе колата, а јас барав помош. Еден полицаец ми рече ‘не сум јас обучен за тоа’. Дојде Жарко, сопруг на почината жена. Ми помогна и ја качивме Надица во автомобилот. Ја однесовме до кочанската болница, ја зедоа и директно ја качија на хирургија, ја внесоа во сала, а мене ме оставија да чекам во ходникот. Додека се молев да ми го спасат детето, дојде доктор Томче, го молев да ми го спаси детето, тој само ми рече ‘не е само твоето дете’.

Пред салата имаше девојче во друга просторија, примаше кислород. Сопругот ми ѕвонеше од друг број, му кажав каде сум. Една од сестрите ми кажа дека на Надица ѝ го вратиле пулсот. Девојчето од другата соба викна, јас отидов до таа соба. Имаше еден прозорец, се гледаше Надица, а јас видов дека детето ми лежи само на креветот без никој околу неа да дојде да ми каже дека е почината, тогаш ми се сруши целиот свет. Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво. На ништо потоа не се сеќавам. Целата бев крвава. Мислев дека е некој сон, дека ќе стане. Дека не е вистина тоа што се случува. Немаше изгореница, немаше ништо на неа, беше чиста како солза, мирисаше на парфем, а беше почината. Последните две години јас редовно бев во таа дискотеката со моите другарки. Тоа обезбедување беше таму, цело Кочани знаеше дека се обезбедување, а не носеа ништо на себе дека се обезбедување. Пулс беше единствената дискотека особено во зима, каде што излегуваа многу, а и оние што седат овде на овие столчиња. Не се надевавме дека оваа дискотека работи нелегално додека не се случи ова. Овде излегуваа градоначалници, градежни инспектори, да речам 90 отсто од луѓето во Кочани.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола.

Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ