Денес во судница храбриот Благој Паунов посочи дека сликите биле страшни бидејќи имало мртви тела по подот, а и заглавени деца едно врз друго на вратата од дискотеката Пулс.
И тој и неговите колеги имаат последици од кобната вечер, односно тој добил покачен крвен притисок, шеќер и проблем со сонот, бидејќи од тогаш до денес не може да спие од сликите што ги виделе. Но храбро и смирено рече: „Таква е нашата работа“. Посочи дека на секој што помагал и бил ноќта во Пулс животот му бил изложен на ризик.
„Секогаш приоритет ни е да се спаси човечки живот, а потоа гасење на објектот. Јас сум возач пожарникар и на 16 март 2025 година, добивме повик дека има пожар во дискотеката Пулс. Бев прво возило, во него бевме јас и колегата Горан Ѓеоргиев, па во второ возило уште двајца. Беше повикана целата смена, а во објектот стасавме за околу 5 минути, бидејќи беше ноќе и немаше сообраќај. Учествував во гасењето на пожарот, но кога дојдовме немаше оган, имаше само мал чад, кој се гледаше од надвор. Стигнавме на лице место, бевме упатени од полицајците и ни направија место да се паркираме точно пред дискотеката. Кога излеговме од возилото на самиот паркинг имаше многу луѓе, а многу беа и паднати на земјата. Пред скалите имаше паднати луѓе, а на влезно-излезната врата имаше многу лица што бараа помош од нас. Работевме во тимови бидејќи никој од нас сам не можеше да направи ништо“, сведочеше пожарникарот Паунов.
Тој раскажа дека на паркингот имало полицајци и обезбедувачи, кои учествувале во спасувањето на повредените.
„Почнавме да помагаме да ги извлечеме оние што беа заглавени, но беше навистина тешко. Извадивме едно лице, но не можевме сами, па побаравме помош од полицајците. Истото го побаравме од обезбедувачите, кои веднаш помогнаа. Дојдоа и други полицајци и лица, извлекувавме многу деца. Дел од децата беа во шок, на дел не им функционираа нозете, па моравме да ги носиме на раце до паркингот. Останав да помагам бидејќи не можеше да се стаса да се спасат сите, поради тоа што имаше многу повредени. Се носеа во цивилни и во амбулантни возила накај амбуланта. Во билетарницата на дискотеката имаше над 10 лица што лежеа на земја и не даваа знаци на живот. Побарав помош од колегите, кои веднаш дојдоа. Излвекувавме лица, некои беа преземани од пред вратата, некои од паркингот. На крајот на дискотеката имаше една тесна врата на која беа заглавени многу деца. Ги извлековме и тие деца, а кога се вратив на влезно-излезната врата, моите колеги беа стасани, се гасеше внатре во објектот. Деца едно врз друго имаше и пред вратата на тоалетот, па и од таму ги извлекувавме“, раскажа храбриот пожарникар.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле користени без дозвола. Дискотеката со години работела без соодветни дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Судењето е во тек со сослушување на другите сведоци.
Катерина Додевска






