вторник, 16 декември 2025

Сведоштва за бегството од смртта – изложбата Истребување на Македонците во Чешка

Изложбата „Истребување на Македонците“ (Interitus Macedonum) за страдањата на децата-бегалци од Егејска Македонија е претставена и во градот Витков во Чешка. Чешкиот град е домаќин на изложбата „Истребување на Македонците“ која е посветена на прогонетите деца од Егејскиот дел на Македонија и дел од програмата во одбележување на 55 години од смртта на Јан Зајиц.

Објавено на

часот

Сподели

Во соработка со градската библиотека и наставниците по историја од градот Витков во рамките на наставната програма договорени се посети на изложбата од учениците од овој регион, односно градовите Витков, Мелч и Клокочов кои ќе ја обработуваат темата за Граѓанската војна во Грција и згрижувањето на децата.

Автори на изложбата „Истребување на Македонците“ се инж.Димитри Кирјаковски и проф. Георги Гоце Дуртаноски. Изложбата по повод 75 години од прогонот лани за првпат беше поставена на чешко-полската граница во близина на градот Крнов на Светскиот ден на бегалците (20 јуни 2023). Според архивските податоци градот Крнов во 1948 и 1949 примил најголем број на македонски деца од вкупниот број кои ја напуштиле својата родна земја.

Изложбата Interitus Macedonum содржи фотографии и предмети преку кои се раскажува тешкиот пат на децата-бегалци во непознат и неизвесен правец, некои од нив згрижени и преместувани во детски домови дури и во три или четири држави.

Во изложбените витрини се сместени лични предмети на македонските деца-бегалци како клучеви од нивните домови во кои никогаш не се вратија, торби за леб, ѓумчиња за вода, камчиња од нивните куќи/цркви во кои биле родени или биле крстени, капсули со вода од македонските реки во Егејска Македонија и многу други предмети кои автентично го отсликуваат нивниот бегалски живот од тој период.

Носечки експонат на изложбата е „метлата за етничко чистење на Македонците од кралицата Фредерика“, претставена со црвена метла овенчана со круна и хемиската формула на напалм-бомбите.

„Фокусот на оваа изложба е годината 1948 и евакуацијата на децата која почнала пролетта и траела до крајот на истата година (1948) како последица на воената операцијата „Коронис“ и напалм-бомбите со што Егејска Македонија беше претворена во пепел. Оваа изложба ја обработува траумата, страдањето и лузните на децата во нивните ‘нови татковини’“, истакна Димитар Кирјаковски, куратор на изложбата и сведок на тие настани.

Во интервјуто дадено за чешкиот весник Aha! инж. Димитар Кирјаковски откри дека во импровизираниот бегалски камп во Албанија во 1948 година мајката на Димитри одбила да го продаде своето дете на која ѝ биле понудени пари од Албанка со кои ќе може да ги нахрани другите деца од семејството.

„Мајка ми не ме продаде. Една студена ноќ баба ми не се разбуди повеќе. Не знаеме ниту каде е погребана. Потоа ја вратија мајка ми и другите жени назад во Грција да копаат ровови за потребите на воените операции на ДАГ. Заедно со другите деца бевме предадени на организициите кои го координираа нашиот транспорт со бродови за Полска“, дополнува Кирјаковски.

Во мултимедијалниот простор на градската библиотека во Витков каде е претствена изложбата Interitus Macedonum се прикажуваат и архивски филмови од  националните телевизии на Чешка, Унгарија, Романија и Франција направени во 1948 година, а во проектот е вклучен и филмот „Македонец“ од полско-македонскиот режисер и продуцент Петро Алексовски од Варшава.

Факелот 2 – саможртвата Јан Зајиц

Делегации од градот Витков и градоначалникот Јакуб Цихлар, чешката парламентарна делегација составена од шест пратеници од чешкиот парламент и македонска делегација на децата-бегалци и нивните потомци денеска се поклонија пред гробот на Јан Зајиц (3.7.1950-25.2.1969) на градските гробишта во Витков.

Димитар Кирјаковски и Коле Боровски од име на Македонците во Чешка положија венец на гробот од чешкиот студент Јан Зајиц во Витков

Чешкиот студент Јан Зајиц („Факелот 2“) се саможртвуваше на 25 февруари 1969 година во знак на политички протест против окупацијата на Чехословачка од Варшавскиот пакт и се самозапали на Вацлавскиот плоштад во Прага, следејќи го својот истомисленик Јан Палах („Факелот 1“) кој истото го стори еден месец порано на истото место во обид да го разбудат чешкиот народ од апатијата и пасивноста во која западна нацијата во т.н. „неизбежна реалност“.

Македонскиот деец инж. Димитар Кирјаковски и сведок на овие настани од 1948 и од 1968 година одржа историски говор пред гробот на Јан Зајиц.

Тој го цитираше Милан Кундера и саможртвата Зајиц истакнувајќи дека „борбата на човекот против власта е борба на помнењето против заборавот“.

Кирјаковски подвлече дека тој е еден од преживеаните кој поминал низ „виорот на граѓанската војна и ‘машината за мелење месо‘ во која целна жртва беа Македонците.

Ние Македонците, потполно го разбираме чинот на овие млади луѓе од 1968/69 како Јан Зајиц кои ја презедоа задачата да го разбудат народот од нивната пасивност и да го свртат вниманието против доминацијата и наметнатиот, организиран заборав на којшто се изложени поединците и народите“, рече Кирјаковски.

Во загушување на планираните либерални (нови) реформи, на 21 август 1968 година армиите на Советскиот сојуз, Бугарија, Унгарија, Полска и Германската демократска република како тогашни членки на Варшавскиот пакт со тенкови и војска навлегоа во Чехословачка и ја окупираа земјата. 1968 година, од година на многу надежи, беше втурната во година на разочарување и безнадежност. Додека една генерација на луѓе со надеж гледаше на таканаречениот „процес на преродба“ во Чехословачка, тие надежи за демократија и слобода, сепак, беа уништени во август 1968 година од тенковите на Варшавскиот пакт и видливата последователна окупација“, подвлече Кирјаковски.

Омаж за Лена Анѓелкоска

На изложбата посебна витрина е посветена на семејството Димовски и животната судбина на Ѓорѓи Гоче Димовски и Лена Анѓелкоска (родена Димовска) од село Оштима. Таа е родена во Ташкент 1950 година, музеолог, ерудит, стручен соработник емеритус од Музејот на Македонија и постојаната изложба за Граѓанската војна во Грција која почина минатиот месец во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ