Како што информираа од Министерството за правда, со новиот закон се воведуваат значајни измени што директно ќе влијаат врз ефикасноста и транспарентноста на судските постапки. Меѓу најважните новини е задолжителното застапување од адвокат, како и уредувањето на клучни процесни прашања како вештачењето, доставата и споровите од мала вредност.
Дополнително, се намалуваат паричните казни за учесниците во постапката, а се унапредува и електронското работење, вклучително и можноста за одржување на рочишта по електронски пат.
За прв пат се воведуваат и претставнички тужби, со што се овозможува заштита на колективните интереси на потрошувачите.
Законот е резултат на двегодишна работа на експертска група, со вклученост на судството, академската заедница, стопанството и граѓанскиот сектор, како и широка јавна дебата со стотици предлози и коментари.
Се очекува неговото донесување значително да ја подобри ефикасноста и функционалноста на парничната постапка, во согласност со современите стандарди и реформската агенда на државата.






