недела, 6 април 2025

Судски совет: Скоро половина од судовите лани биле неажурни

Скоро половина од судовите од државата лани биле неажурни, односно од 34 судови ажурни биле 18, а неажурни се 16 од кои три се апелациски, 12 основни и Вишиот управен суд. Ова беше соопштено на денешната седница на Судскиот совет на кој се разгледуваше извештајот за работата на судовите за 2024 година. Според известителот Павлина Црвенковска,  судовите  во државата мината година ја почнале со нерешени 131.005 предмети, а примиле за работа нови 569.958 предмети, односно вкупно за работа имаме 700.739 предмети. Од нив успеале да решат 566.010, а не решиле 134.729 предмети.

Објавено на

часот

Сподели

„Судовите лани не успеале да го совладат приливот на предмети и ги зголемиле заостанатите предмети за 3.724 предмети“, истакна Црвенковска.

Според неа, ажурни биле Врховниот суд, Основните судови во Гостивар, Дебар, Тетово, Велес, Гевгелија, кавадарци, Кривичниот суд Скопје, Неготино, Кратово како и Апелацискиот суд Скопје. Како неажурни беа оценети Апелацискиот суд Гостивар и Основните судови од Крива Паланка, Куманово како и Основниот граѓански суд Скопје.

Според вториот известил, Антоанета Димовска Управниот суд е ажурен, а по него следуваат Основните судови од Крушево, Охрид, Ресен, Виница, Делечево, Свети Николе и Штип. Што се однесува до неажурните во 2024 година неажурни биле Вишиот управен суд, Апелацискиот суд Битола, Апелацискиот суд Штип како и Основните судови во Битола, Прилеп, Струга, Берово, Кочани, Радовиш, Струмица и Штип.

„Во одреден број на судови, како што е Основниот суд во Радовиш се зголемил остатакот за 153 предмети, но треба да го имаме предвид фактот дека таму работат двајца судии. Тоа значи дека вложиле огоромен труд колегите. Основниот суд во Кочани е неажурен, меѓутоа го зголемиле заостатокот за само 28 предмети и знаеме дека и таму недостасуваат судии. Основниот суд во Струмица го зголемил заостатокот за 1.043 предмети, но имаат голем број на предмети кои ги примиле за работа, 19.611 предмети, така што на овие апелациски подрачја може да се заклучи дека судиите дале голем напор да сработат, но во некои судови невозможно е бидејќи недостасуваат судии. Јас би го пофалила судот во Делчево, каде работи времено упатен судија и покажува резултати“, истакна Димовска.

Според членот на Судскиот совет, Весна Дамева, бројот на предметите во судовите за лани го поставува прашањето дали граѓаните не веруваат на судството.

„Ако граѓаните немаат доверба во судовите нема да процесуираат толку постапки и ако ги исклучиме оние кривични каде што Обвинителството ја води постапката. Судиите не само што решиле 566.010 предмети,туку постапувале по 700.000 колку што вкупно имале во работа. Тоа значи дека со намален број на судии, со недоволно финансиски средства, со недоволно човечки ресурси, затоа што знаеме дека се одбиени согласностите за нови вработувања, односно со недоволен број на пополнети и судиски места и на вработени сите дале свој сериозен придонес“, посочи Дамева.

Судскиот совет го усвои Извештајот за работата на судовите за лани со 13 гласови и истиот ќе биде објавен на веб страницата на советот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ