четврток, 12 јуни 2025

Судски совет неправилно гласал за Дуковска, Филков бара повторување на постапката за избор на уставен судија

Неправилно спроведена постапка за избор при која Судскиот совет не ги разгледал сите кандидати подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за судски совет е причината поради која Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд. Министерството за правда нема надлежност да ги преиспитува одлуките на судовите, тоа е елемент на независност на судската власт, вели министерот за правда Игор Филков, во врска со (не)изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска и побара Судскиот совет да ја повтори постапката за избор на уставен судија.

Објавено на

часот

Сподели

Според пресудата, во конкретниот случај, Судскиот совет донел одлука за избор на судија на Уставниот суд без целосно разгледување на сите предложени кандидати. Поради недостиг на материјали и податоци за кандидатите, членовите на Советот не можеле да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.

„Судот наоѓа дека со ваквиот начин на гласање на членовите на Советот, односно со не гласање по останатите два предлози оневозможена е еднаква примена на правилата на постапката за сите кандидати, со оглед дека само еден кандидат добил можност за реална подршка преку гласање, а на другите два кандидати им е ускратена можност да имаат ист третман и еднакви можности при изборот иако претходно сите три кандидати биле подржани од членовите на Советот, што влијае врз законитоста и транспарентноста на постапката со оглед дека предлог избор не е донесен врз основа на целосно разгледување и гласање по сите предлози, туку по хронолошки редослед на изнесените предлози, поточно само по првиот предлог, со што е повредено не само начело на еднаквост туку и начело на мерит системот со оглед дека се оневозможува реална и објективна споредба на квалитетите, резултатите и придонесот на кандидатите во развојот на правната мисла и систем, во смисла на исполнетост на условите од член 98 од Законот за судски совет со што се дерогира законската обврска за еднаков, меритократски и транспарентен пристап во постапката, што е спротивно и на темелните уставни принципи на еднаквост и отчетност при вршење на јавна функција“, пишува во пресудата.

Дополнително, од увидот во записникот од седницата се утврдува дека членовите на Советот се запознале со биографиите на кандидатите за првпат на самата седница и пристапиле кон гласање само за првиот предложен кандидат, додека, останатите два предлога биле игнорирани. Ова довело до нееднаков третман на кандидатите, нарушувајќи ја транспарентноста и законитоста на постапката, како и мерит системот кој треба да обезбеди објективна споредба на нивните квалификации и придонес.

„Исто така, од увидот во Записникот неспорно произлегува дека по излагањето на биографиите на кандидатите од страна на нивните предлагачи, членовите на Советот се согласиле поединечно да гласаат според редоследот на дадените предлози, по што се пристапило кон гласањето само по прво изнесениот предлог на членот на Советот, за кандидатот Е. Д. судија на Апелациониот суд Скопје, додека по останатите два предлози (вториот и третиот) за предложените кандидати Т. С. судија од Апелациониот суд Битола и А.Д. судија од Основен граѓански суд Скопје, не се пристапило кон гласењето, односно гласањето е прескокнато, по што прво изнесениот предлог бил усвоен и се утврдил предлог Е. Д. судија на Апелациониот суд С. за избор на еден судија на Уставен суд на РСМ од редот на судиите во Република С.М.“, се дополнува во пресудата.

Судот оценил дека тужбата на Антоанета Димовска, која е член на Судскиот совет и воедно била и кандидат за уставен судија, е основана. Судот наложи повторно постапување согласно законските критериуми за правичност, транспарентност и еднаквост, при што треба да се спроведе гласање за сите предложени кандидати со целосно почитување на критериумите пропишани во Законот за судски совет.

„При повторното постапување тужениот орган треба да ги има во предвид укажувањата и забелешките содржани во оваа пресуда како и цитираните уставни и законски одредби, па по спроведување на законита постапка во рамките на своите уставни и законски надлежности, да донесе правилна и законита одлука која ќе се темели на Предлогот на С. с.за избор на уставен судија донесен во законита, транспарентна и објективна постапка со целосно почитување на мерит принципите и во согласност со член 98 од Законот за судски совет и начелата на правичност, транспарентност и еднаквост“, потенцираат од Управен.

Уставната судијка Елизабета Дуковска беше судија-известител за предметот со Законот за јазиците чија подготвителна седница беше закажана за 19 јуни.

Со пресудата таа се враќа на своето претходно работно место во Апелацискиот суд Скопје.

Министерството за правда нема надлежност да ги преиспитува одлуките на судовите, тоа е елемент на независност на судската власт, вели министерот за правда Игор Филков, во врска со (не)изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска и побара Судскиот совет да ја повтори постапката за избор на уставен судија.

На денешната заедничка прес-конференција со директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов, каде беа промовирани електронските алки за издржување казна куќен затвор, Филков нагласи дека согласно одлуката на Управен, Судскиот совет е должен да ја повтори постапката, земајќи ги во предвид препораките на судот и да достави нов предлог до Собранието.

„Надлежност на извршување на пресудата на Управниот суд има само Собранието, односно во конкретниот случај Судскиот совет така што должност на Судскиот совет е согласно одлуката на Управниот суд да ја повтори постапката и да ги земе предвид препораките и да достави нов предлог до Собранието“, рече Филков.

Прашан што ќе се случува со одлуките кои судијката ги има донесено во изминатите две години откако ја извршува функцијата, Филков рече дека ќе треба да се почека, да се види.

Управниот суд ја донесе ваквата одлука по две години од изборот на Дуковска, која најпрво беше избрана во Судскиот совет со поддршка од 11 гласа и двајца „против“, а потоа и официјално изгласана во законодавниот дом во април 2023 година.

Покрај Дуковска, предложени беа уште две кандидатки кои ги исполнуваа условите. Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека со изборот на Дуковска, Судскиот совет го прекршува Уставот бидејќи не ги ставил на гласање другите двајца кандидати, додека, тогашниот член на Судскиот совет Зоран Герасимовски пред пратениците рече дека Судскиот совет не пристапил кон гласање за другите двајца кандидати, бидејќи „законот не предвидува дека за кандидат ќе биде утврден предлогот кој добил најмногу гласови, туку според редоследното гласање се утврдува оној кој го добил потребното мнзоинство, а тоа е најмалку осум гласа од членовите на Советот со право на глас“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ