Случајот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осудениот Фитим Муслиу, додека ја издржувал казната затвор, според неговите наводи бил претепан од чувар пред затворската кантина. Тој пред судот во Стразбур се пожалил дека бил изложен на нечовечко постапување и дека домашните институции не спровеле ефективна истрага, повикувајќи се на членот 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) која строго ја забранува тортурата.
„Никој не смее да биде подложен на тортура или на нечовечко или понижувачко постапување или казнување“, се наведува во Конвенцијата.
Откако ЕСЧП испратил прашања, а за да се спаси од понатамошни последици, Владата во 2025 година доставила одговор до судот со кој признала дека дошло до повреда на правата на Муслиу гарантирани со Конвенцијата. По неуспешните обиди да се спогодат, Владата му понудила на Муслиу да му исплати 11.295 евра за нематеријална штета и трошоци, со обврска парите да му бидат исплатени во рок од три месеци.
Незадоволен од ваквата одлука, Муслиу тврдел дека Владата не предложила конкретни мерки за спречување идни злоупотреби од страна на затворските службеници, но не предложила ниту системски реформи. Сепак, ЕСЧП оценил дека повеќе нема потреба предметот да се разгледува.
Во образложението на одлуката меѓу другото пишува дека Европскиот суд за човекови права може да затвори предмет кога „повеќе не е оправдано продолжување на разгледувањето“, дури и ако апликантот бара постапката да продолжи. Сепак, Судот потенцира дека затворањето на предметот не ја ослободува државата од обврската да спроведе ефективна истрага за претепувањето на Муслиу.
„Имајќи ги предвид признанијата содржани во декларацијата на Владата, како и предложениот износ на надомест кој е во согласност со износите доделени во слични случаи, Судот смета дека повеќе не е оправдано да продолжи разгледувањето на апликацијата. Дополнително, имајќи ја предвид постојната јасна и обемна судска пракса по ова прашање, Судот е уверен дека почитувањето на човековите права не бара понатамошно разгледување на предметот. Судот исто така нагласува дека оваа одлука не влијае врз обврската на Владата да спроведе истрага во согласност со барањата на Конвенцијата, со оглед на признатата повреда на правата заштитени со член 3“, пишува во образложението на одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Од Здружението на млади правници објаснуваат дека тоа значи дека ЕСЧП остава на волјата на државата Македонија, доколку сака повторно да отвори истрага за да утврди што точно се случило на 3 август 2020 година.
„Оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица. Ја поздравуваме одлуката на Судот и потсетуваме дека според неговата утврдена пракса, државата има позитивна обврска согласно член 3 од ЕКЧП да ја заштити физичката благосостојба на лицата лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба бидејќи се под целосна контрола на властите. За таа цел, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица“, велат од Здружението на млади правници.
Судот во својата одлука, уште ја предупредува Владата дека предметот може повторно да биде активиран доколку таа не ги исполни преземените обврски.
„Судот потенцира дека доколку Владата не ги исполни условите од едностраната декларација, апликацијата може повторно да биде вратена на листата на предмети. Со оглед на наведеното, соодветно е предметот да се избрише од листата“, пишува во одлуката на ЕСЧП.
Ова не е прв пат Македонија да загуби спор пред судот во Стразбур поради тортура и нехуман третман. Други такви случаи се „Ел-Масри против БЈРМ“, „Китановски против С.Македонија“, „X и Y против С.Македонија“ во кои ЕСЧП утврдил повреда на човековите права.
Врз основа на ваквите пресуди ЕСЧП има изградено неколку клучни стандарди, а тоа се дека нема оправдување за тортура, дури ни борбата против тероризмот, ниту пак заштитата на јавниот ред и мир. За судот во Страбур, човековото достоинство е најважно. Дури и „мал“ акт на насилство може да се подведе под членот 3 од ЕКЧП односно забраната за тортура. За ЕСЧП клучен принцип е дека не е доволно да не постои тортура, туку државата мора активно да ја истражи секоја основана жалба на граѓаните во врска со тортурата и нехуманиот третман.
И.О.






