Николовски појасни дека судот го забранил штрајкот поради отсуство на барања за заштита на правата од работен однос, неспроведена задолжителна постапка за помирување и поради тоа што ССКЛ нема правен легитимитет самостојно да организира штрајкови.
„Повторно, од страна на Основниот граѓански суд Скопје, штрајкот што беше најавен од подружницата ССКЛ е забранет како незаконски. Штрајкот е забранет поради три основи, односно барањето за штрајк не содржи никакви синдикални барања, односно барања за заштита на правата од работен однос, не е спроведена задолжителна постапка за помирување и последната констатација на судот е дека ССКЛ, како подружница, нема правен легитимитет самостојно да организира и да спроведува штрајкови“, изјави Николовски.
Поради најавите за нови штрајкови, М-НАВ поведе и посебна судска постапка со која бара утврдување дека ССКЛ генерално нема право самостојно да настапува и да организира вакви активности. Ова барање, како што посочи адвокатот, се заснова на Законот за работни односи и на статутот на Независниот синдикат за сообраќај и врски.
„Со оглед на најавите дека ССКЛ повторно ќе иницира, односно ќе најавува штрајкови, од страна на М-НАВ е поведена и посебна судска постапка, каде што се бара судот да утврди дека ССКЛ, воопшто и генерално, нема право самостојно да настапува како подружница и да организира и да спроведува штрајкови. Ова што го зборуваме се заснова токму на Законот за работни односи, кој го регулира основањето и функционирањето на синдикатите, и, воедно, на статутот на Независниот синдикат за сообраќај и врски, каде што е определено дека подружниците воопшто немаат статус и воопшто немаат легитимитет, согласно со Законот за работни односи“, рече Николовски.
Во однос на кривичната пријава против претседателот на Независниот синдикат за сообраќај и врски и претседател на ССКЛ, Александар Тасевски, Николовски нагласи дека таа е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје поради злоупотреба на позицијата за остварување лични цели.
„Ја злоупотребил својата позиција и дал известување и барање за користење платени денови од работа, со најава дека ќе користи денови за синдикални активности и синдикални состаноци, а господинот заминал на приватна посета на Кипар заедно со својата љубовна партнерка“, посочи Николовски.
На прес-конференцијата беше соопштено и дека е утврден идентитетот на вработено лице во М-НАВ кое оддало деловни тајни кои подоцна биле објавени на порталот „Буревесник“.
„Во М-НАВ е спроведена постапка каде што е утврден идентитетот на вработено лице кое тие податоци, кои имаат третман на деловна тајна, ги сторило достапни на лицето Зоран Божиновски, а потоа преку неговите портали станале достапни за пошироката јавност, како во Македонија, така и во странство“, рече правниот застапник на М-НАВ и додаде дека во фаза на изготвување е нова кривична пријава.
Одговарајќи на новинарски прашања за мотивите на синдикатот, Николовски истакна дека станува збор за обид за дефокусирање на јавноста и на ресурсите на компанијата.
„Според мене, можеби грешам, можеби не грешам, затоа што сепак индивидуалните цели се лични, сметам дека станува збор за еден обид за дефокусирање, како на јавноста, така и на капацитетите и ресурсите на М-НАВ, односно да се дефокусираме од тоа што е суштинско и да се влечеме по судови за едни беспредметни постапки“, одговори Николовски.
Нагласувајќи ја стратешката важност на институцијата која ја гарантира безбедноста на авиосообраќајот, адвокатот подвлече дека М-НАВ е должна да презема дејствија за заштита на својот капитал и на интересите на државата секогаш кога има основани информации, додека конечната одлука за иницирање кривична постапка ја носи исклучиво Јавното обвинителство.






