„Знам дека ви е тешко, но нема да дозволиме ниту еден инцидент. Овде пречите, а ние не можеме да работиме, сите што сме овде мора да сме тука и секој мора да има бранител по Устав и по Закон. Како што вие на работа ги вршите своите работни задачи, така и тие овде си ја вршат својата работа. Утре ако на вас ви треба адвокат, вие нив ќе ги повикате. Сите имаме презумција на невиност и сите сме невини сѐ додека не се донесе осудителна пресуда. Јас судев и друг голем предмет, го судев и ‘Дурмо турс’, а и таму имаше исто жртви. Не верувам дека болката на тие родители е помала од вашата, а тие не направија ниту еден инциндент. Ќе ве замолам да внимавате на вашето однесување“, им рече судијката Груевска Илиевска на присутните родители.
Адвокатката Ивана Коцевска побара од судот да ги отстрани родителите доколку повторно ги нарушат редот и мирот во судницата.
„Се надевам дека тоа што до сега се дозволуваше во оваа судница ќе престане. За да една постапка непречено треба да се води, мора да има ред. Мојот предлог е на следното нарушување на редот во судницата, судот да ја исклучи јавноста. Ние мораме да бидеме овде, тие не мораат“, рече адвокатката Коцевска.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Судењето е во тек во судницата близу затворот во Идризово со сослушување на сведоци.
К.Д.






