четврток, 19 јуни 2025

Судија од Велес ќе работи во судот во Кочани за да помогне по пожарот во дискотеката Пулс

Судскиот совет на денешната седница донесе одлука за привремено упатување на судијката Емине Калач од Основниот суд Велес во Основниот суд Кочани. Таа во наредните два месеци треба да ја подобри работата во кривичниот оддел на судот, каде што има зголемен обем на работа под трагичните случувања во Кочани. Претседателот на советот, Александар Камбовски, по седницата изјави дека ситуацијата со недостиг од судии во Кочани нема да се реши, а со одлуката за делегирање на еден судија ќе се ублажи состојбата.

Објавено на

часот

Сподели

Судијата известител Исамедин Лимани и координатор на кочанскиот суд на 522 седница на Советот спомена дека во кочанскиот суд има недостиг од судии кривичари, а во моментов поради случајот со трагичниот настан има потреба од зајакнување на капацитетите за работата.

„Во барањето се наведува дека судот се соочува со проблеми при составување на кривични совети за постапување во предмети во кривична постапка. По случајот со пожарот, отежнато е постапувањето по редовните предмети и се јавува застој во работењето. Ги зедов предвид податоците од судовите во Велес, Штип и Струмица и со оглед дека треба интервентно да се делува, предлагам да биде судија од Велес сè до одлука на комисијата“, рече Лимани.

Членот на судскиот совет Весна Дамева и координатор на судот во Велес ја појасни состојбата во Основен суд Велес од каде би требало да се делегира судија и дека има недостиг на судии. Таа напомена дека дел од судиите од Велес имаат законски пречки да бидат делегирани и предложи советот да предложи судија.

„Неспорно е дека Основниот суд има седум судии, но треба да одлучиме без да направиме штета на другите судови. На вонредна седница на советот во Велес немало согласност да бидат делегирани, но се надевам дека делегираниот колега ќе да даде придонес во постапувањето во кочанскиот суд“, рече Дамева.

По дискусиите беше заклучено дека судијата Емине Калач од Основен суд Велес времено се упатува во Основен суд Кочани за период од два месеци, а надлежната комисија во Судскиот совет да постапува во насока на решавање на недостигот од судии и поефикасно работење. 

Претседателот на советот, Александар Камбовски по седницата изјави дека ситуацијата со недостиг на судии во Кочани нема да се реши, а со одлуката за делегирање на еден судија ќе се ублажи состојбата.

Тој на новинарско прашање поврзано со недостигот на суди во судовите низ државата, посочи дека се работи за вонредни околности кои се наметнале по кочанската трагедија.

„Сметаме дека со овој еден судија барем во овој период додека ние направиме целосна анализа за сите судии во државава, донекаде ќе успее да помогне на колегите коишто работат таму. Сакам да искажам пофални зборови не само за судиите, туку на сите служби и стручни соработници, советници кои што работеа во тој суд, записничари, стварно покажаа едно високо ниво на свесност за ситуацијата во Кочани“, рече Камбовски.

Во врска со надминување на проблемот со недостиг од судии, тој кажа дека е формирана комисија која што ги анализира сите судови и ќе даде предлози.

„Таа комисија треба да направи проценка каде имаме доволно судии. Од кои области и со какво искусутво ни требаат судии. Очекувам за многу краток дека ќе биде завршена. Верувам дека ќе направиме некои поместувања во судовите, во однос на корегирања на судии. Секаде има потреба меѓутоа каде што е, ајде на речеме ургентно, туку приоритетно“, рече Камбовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ