Според судиите, судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму не им е јаснокаква е поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега.
„Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и сл.
Последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата.
Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“, реагираат во отвореното писмо до премиерот од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.






