понеделник, 2 февруари 2026

Судии од македонскиот Уставен суд на средба со претседателот на ЕСЧП

Судиите на Уставниот суд на Македонија проф. д-р Осман Кадриу и м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева  остварија средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права, Матијас Гијомар во Стразбур.

Објавено на

часот

Сподели

Во рамки на средбата беа разгледани можностите за идно институционално поврзување, со посебен фокус на развојот, обуката и унапредувањето на професионалните капацитети на служба на Судот, како и размената на искуства во областа на заштитата на човековите права.

Присутните споделија исти ставови за  важноста и значењето на континуираната размена на знаења и добри практики, како и реализацијата на заеднички активности меѓу Европскиот суд за човекови права и Советот на Европа.

На средбата присуствуваа и Светлана Гелева, амбасадор, шеф на Мисијата на Македонија при Советот на Европа, Јован Илиевски, судија во Европскиот суд за човекови права, како и Абел Кампос, заменик регистратор на ЕСЧП.

Средбата се одржа во пресрет на церемонијата на официјалното отворање на судиската година на Европскиот суд за човекови права, која традиционално секоја година се одбележува со тематски семинар.

Во фокус на судскиот семинар беше темата „Заштита на медиумскиот плурализам и демократскиот процес во предизвикувачки времиња”.
Семинарот го отвори претседателот на ЕСЧП Судот, Матијас Гијомар, свое обраќање имаше Ања Зајберт-Фор, судијка и претседателка на Организацискиот комитет.

Во рамки на настанот се одржаа две сесии за „медиумскиот плурализам и правото на информации”, со излагање на професорката Вероника Билкова од Универзитетот Карлов во Прага. Втората тема беше посветена на „слободата на информации и надлежностите на Европската Унија, со посебен осврт на рестриктивните мерки”, презентирана од професорот по право на ЕУ, Роберто Мастројани од Универзитетот во Неапол. Втората сесија под модераторство на судијката Лорејн Шембри Орланд, беше посветена кон заштитата на демократските процеси. Претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер, говореше за интегритетот на демократскиот процес и судската контрола, претседателката на Уставниот суд на Латвија, Ирена Кучина, ја презентираше темата за слободното изразување на волјата на народот како предуслов за заштита на демократскиот државен поредок, соопшти Уставниот суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ