сабота, 26 јули 2025

Судии и адвокати распалија по изборот на претседател на Кривичниот суд Скопје

„Одете си од таму веќе! Доста е од вас! Брука сте!“ Вака почнува пораката што судијата во Кривичниот суд, Ненад Савески, ѝ ја испратил на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска. Савески жестоко реагира на нејзината поддршка за вршител на должност претседател на Основниот кривичен суд Скопје, наместо најдобро оценетиот судија, да биде назначен 11-рангираниот, во случајов судијката Даниела Димовска. На оваа пресметка реагираше и адвокатот Јовица Страшевски.

Објавено на

часот

Сподели

Денеска Судскиот совет избра в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје. Досегашниот шеф на најголемиот суд во државата, Иван Џолев, беше избран за судија во Апелацискиот суд Скопје. Тој денеска и официјално ја презеде новата должност, откако даде свечена изјава во Судскиот совет.

На негово место, како вршител на должност денеска е избрана судијката Даниела Димовска. Ова предизвика жестоки реакции меѓу судиите. Таа беше рангирана на 11-то место на рејтинг листата на кандидатите за оваа позиција.

Членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, ја поддржа Димовска велејќи дека има одлични менаџерски способности за да раководи со голем суд.

Судијата Ненад Савески не се согласи со ваквиот став на Антонаета Димовска. Тој на социјалните мрежи објави: „Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на член  89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите. Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа. Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија. Одете си од таму веднаш и престанете да им штетите на судиите. Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“, напиша судијата Савески.

На ова реагираше адвокатот Страшевски: „Брука, срам или непочит кон колегите! Честитки за изборот на Даниела Димовска за в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје. Повод за ова мое обраќање до јавноста е текстот споделен од медиумите од мојот почитуван сограѓанин и почитуван судија Ненад Савески.

Искрено како сограѓанин и како колега го почитувам Ненад Савески, но мислам дека со вака изразен револт на ваков начин не доликува на почитуван судија мој сограѓанин. Не со ваков тон и речник. Истото го говорев и јавно пред два дена и за градиначалникот на Струмица. Секој има право на свое мислење, но не и јавно да навредува, повикува и споменува семејства на социјалните мрежи, особено не интелектуалци.

Има правни процедури кои треба да ги искористат ако има незадоволство и пропусти во постапката, но не и вака по социјалните мрежи јавно да се навредува. Даниела Димоска лично не ја познавам, ја знам како судија во неколку мои предмети, каде имала коректен однос, и кон обвинетите и адвокатите и кон обвинителите.

На Гугл ја видов нејзината импозантна биографија, од демонстратор на Правниот факултет Скопје, добитник на неколку престижни награди, преку НДИ е ангажирана во Собранието на Македонија, член на комисија… Брука…срам…. или непочит кон колегите“, одговори адвокатот Јовица Страшевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ