недела, 7 декември 2025
Репортажа од првото судење за трагедијата во Кочани

Судењето за „Пулс“ од час во час, судница полна солзи за 63 недочекани утра

Деветнаесетти ноември 2025, тмурно рано утро, дожд, сиво небо и студенило. Веќе е 8 часот и 20 минути. Полека со автомобил се движиме кон најголемата судница во Идризово, која се наоѓа близу најголемиот затвор во земјава. На ова место треба да почне најголемиот судски процес досега, оној за големата трагедија во Македонија, во Кочани, во која загинаа 63 лица, од кои најголем дел беа млади од 14 до 25 години.

Објавено на

часот

Сподели

По главната улица возилата се движат вообичаено, но како наближуваме и ја гледаме улицата десно, која води до дигиталната судница, забележуваме река од полиција. Од влезот, па на секои десетина метри има полициски службеници. Накиснати од дождот, мокри и премрзнати, полициските службеници побараа од нас да се легитимираме за да може да влеземе. Од 5 часот утрото овие луѓе од МВР се на местото каде што осум месеци по најголемата трагедија во земјава, за прв пат, очи во очи треба да се видат оние што ги изгубија најблиските и оние што се најдоа во обвинителен акт да одговараат за загубените животи. Усните на некои од нив им се модри, од ладно, од мокро, но љубезни се и со тивок и смирен тон нѐ упатија кон десниот агол во големиот двор до судницата, кој беше наменет за новинарските екипи. Оние што немаа легитимација, беше невозможно да влезат или да се доближат до местото. Полека влегуваме во дворот и бараме паркинг место.

Автомобилот го паркираме со предницата свртен кон влезот од судницата, а пред неа црнила, тага, болка… Збиени во мала толпа, роднините на загинатите деца стоеја и чекаа да влезат на местото каде што треба да најдат правда за своите загинати деца. Еден час пред почетокот на судењето закажано за во 9.30, новинарските екипи веќе се вклучени да известуваат што се случува пред почетокот на судењето.

Толпа народ, а никаде џагор. Молк и тишина измешани со падот на капките дожд, ги гледаш луѓето, а не знаеш кој плаче, а кому дождот му го мие лицето и се меша со солзите. Но тагата во очите не ја покриваат ни најголемите истурени облаци. Темнината во погледот и жалот за своите деца и најблиски се познаваат од далеку. Не се само роднините облечени во црно, туку во црно од почит кон жртвите се и голем дел од новинарите.

Молкот го прекинува мајка што носи кафе со термос и им вели на новинарските екипи: „Напијте се кафе, син ми многу го пиеше“. Кнедла застанува во грло од погледот во мајчините очи да подаде кафе во хартиени чаши, за синот нејзин да го има пред себе на небото, барем така останало, да им се најде на покојните пред нив. Овде треба да сме професионалци, да известуваме, ама па и не е непрофесионално да се расплачеш, човечки е.

Воздивнуваме и полека чекориме кон влезот, а веќе е 9 часот. Поминуваме на скенерот за детекција на метал и откако комплетно сме претресени, доаѓаме до компјутерското евидентирање на нашиот идентитет. Полицајка на посебни списоци го пишува името и презимето на секој што влегува во судницата. Брза е, погледнува во документот и веднаш во списокот, па запишувањето трае многу кратко. На секој чекор до влез во судницата не следат полициските погледи кои се задолжени за безбедноста на сите присутни. На двокрилната мала врата од задниот влез во судницата пак полиција. Судницата во затворот е поделена на два дела, напред од главен влез се носат обвинетите, а таму се и судиите, поротниците, обвинителите, судскиот преведувач, обвинетите, нивните адвокати и голем број полициски службеници распоредени низ просторијата. Зад стаклениот параван сме ние новинарите и роднините на загинатите.

Медиумските екипи ги пополнуваат првите редови од просторијата, а веднаш зад нас влегуваат и седнуваат оштетените. Гледаат зад стаклото преку кое со грб се седнати дел од обвинетите. Ги соблекуваат црните јакни, а под нив маички со ликовите на нивните загинати деца на градите и ангелски крилја на грбот. Како болката да не доволно голема, па треба да стане уште поголема од ликовите за децата кои загинаа и кои чиниш секој миг ќе ти прозборат.

Насмевките отсликани на парче текстил тежат и болат, боли секој поглед кон нив. Иако родителите на загинатите деца седат зад нас, новинарите, на стаклениот параван се гледа секој нивен потег и поглед. Зад мене седи мајка кога не престана да ја гушка сликата од починатата ќерка, да ја гали по образите со прстите што трепереа постојано. Името не ѝ го знам, ниту на неа, ниту на загинатото девојче, но зарем е важно? Мајчината болка за загубено чедо не познава имиња, туку само боли.

Времето минува, а веќе е 9:38. Почетокот на судењето доцни, а во тој момент во судницата беше донесен првообвинетиот Дејан Јованов, сопственикот на дискотеката „Пулс“, во која се случи трагедијата со 63 жртви. Со лисици на рацете и полициска придружба од затворот во Куманово, каде е во притвор, влезе во судницата со наведната глава, а роднините на загинатите го пречекаа со гнев и клетви. Но, тој не ги слушна нивните зборови, ниту воздишките, ниту им ги виде солзите. Седна во првата клупа некаде на средина од судницата и гледаше напред кон местото каде секој момент требаше да влезат судиите. Тој веројатно и не беше свесен што се обвинителите имаат да кажат за него, бидејќи подоцна во воведниот говор обвинителот Борче Јанев ќе посочи дека обвинетиот Јованов само пресметувал профит не грижејќи се за ништо друго споредувајќи го со лошите ликови од филмовите.

По него во судница беа спроведени и останатите обвинети кои се во притвор во затворот во Шутка. И тие се сместија. Меѓу обвинетите од кои најмладиот има 27, а највозрасниот 72 години, го гледаме грбот на Љупчо Папазов, поранешниот градоначалник на Кочани, на Шабан Салиу некогашен министер без ресор, Беким Максути, ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување, а до него Крешник Бектеши поранешен министер за економија, како и Ваљон Сараќини исто така некогашен министер за економија…

Во 9:49 во судницата влезе судијката Дијана Груевска Илиевска, со цела папка документи од огромниот предмет, а по неа судијата Ахмед Идризи, како и судиите-поротници.

Станати од столчињата сите го пречекуваме судечкиот совет кој ќе треба да пресуди дали и какви казни ќе добијат овие обвинети лица за трагедијата со 63 жртви и над 200 повредени.

Лицето на судијката го гледаме сите од судницата, но не и јавноста. Некаде околу 10 часот во судница по групи беа пуштени сниматели и фоторепортери кои можеа да снимаат се, освен ликовите на судечкиот совет. Судијката Груевска Илиевска забрани да се сликаат судиите, а од кои причини не образложи. Товарот што овој судечки совет го носи е голем, бидејќи сите докази и многу човечки судбини и на починати и на живи луѓе, се во нивните раце.

Изјавата на судијката дека не се знае дали судењето ќе трае 5 месеци или 5 години, ги обесхрабри роднините на починатите. Дека судскиот процес ќе биде бавен и тежок покажаа и техничките работи во делот во кој кон обвинителниот акт на 34 физички лица беше споен и обвинителниот акт за Александар Нацев, сопственикот на агенцијата за обезбедување, Рубикон бидејќи обвинителот веќе направил спојување на актот, а адвокатите проценија дека се работи за ново обвинение и бараа одложување.

Законските докажувања за дали треба или не да се одложи судењето, како и нотирањето на сите обвинети во записник, траеа до нешто по 13 часот. Во едната просторија законски докажувања за правда, а во другата зад стаклениот параван тага, болка, исчекување и шепотење дека ова ќе трае долго и дека оди многу бавно.

За цело време додека трае судењето и додека сите седиме, на нога се полициските службеници задолжени за редот и мирот во судницата. Со часови стојат на нозе, исправени пред професионалноста и доследни на задачата која им е дадена.

Во 13:20 на нозе се исправи и обвинителот Борче Јанев, кој со одлука на судот доби можност да го започне својот воведен говор. Неговите колеги облечени во тоги се веднаш во клупите до него и знаат што тој ќе каже. Моќно и со широко отворени очи го гледаат. Но никој од нас не знае дека говорот што го има подготвено Обвинителството, ќе биде полн со емоции и моќни пораки.

„Во Кочани не изгоре само објектот наречен „Пулс“. Изгоре со него и илузијата дека одговорните во системот се тука кога треба да не заштитат. Изгоре и везбата дека оној што бил повикан постапил највреме за да спречи. Заота изгоре, за жал и иднината на невини луѓе, прекрасни млади луѓе кои сакале само радост и забава таа вечер“. Овие зборови на обвинителот Јанев како стакло се распрскаа низ судницата во која не запираа солзите на родителите на загинатите, а и на дел од новинарите. Професионалци, но емоците и суровата вистина дека столчињата во 63 домови останаа празни, болат.

Ова обвинение не е големо и гломазно, туку е реалноста за она што се случило. Очите на обвинетите беа вперени во обвинителот, а првиот од нив, Дејан Јованов, сопственикот на „Пулс“, за време на споменување на неговото име со наведната глава ги слушаше речениците на обвинителот. Роднините на оние кои починаа со солзи и липање слушаа како се чита се она што според обвинителот, не било направено за да не се случи трагедијата, а сè, како што рече Јанев, било за пари.

А, Јованов во прв момент имаше лице на зачудување, за потоа да ја наведне главата и со некое мало предметно парче да се заигра и да гледа во него постојано.

Околу еден час одекнуваа во судница зборовите на обвинителот кој на моменти запираше, земаше чаша вода во раце за да се напие, земаше неколку воздишки и повторно продолжуваше. Неговиот глас на моменти трепереше, но не од трема, бидејќи самоуверено го читаше воведниот говор, туку од емоции и од болка за тоа дека овие лица кои починаа, никогаш нема да се вратат дома, од болка дека објектот горел, топлината биле неподнослива, а овие луѓе свирепо и болно го загубиле својот живот.

Фактот дека пожарот се случил на песната „Што сака нека биде“ која ја изведувале ДНК уште толку предизвика емоции, а ова обвинителот го нарече апсурд на животот.

Тешки беа зборовите за делот во кој беше обвинет сопственикот на „Пулс“ за кого обвинителот рече дека никој никогаш не му застанал на патот и дека сите му ги исполнувале желбите.

Аплауз доби воведниот говор, кој сите кој го слушаа ќе признаат дека беше моќен и емотивен. Сега останува да биде поткрепен со докази кои ќе бидат презентирани во судница во текот на постапката, бидејќи како што рече и самиот обвинител овде не замолчела само должноста, туку и совеста.

Нарекувањето на дискотеката „Пулс“ со зборовите масовна гробница е најсуровата, но и најреалната вистина за оваа огромна трагедија.

Некаде околу 14:30 заврши воведниот говор на обвинителот кој на крајот доби аплауз од роднините.

Пет часа минаа, а првото рочиште беше затворено. Заврши и полека почна да се празни судницата, и во едниот и во другиот дел. Еден по еден излегувавме надвор од просторијата во која немаше кислород и поради големиот број на присутни, но и поради тагата која гушеше. И уште очите ни беа мокри од солзи, а надвор една мајка пред медиумите рече:

„Секој ден ги чекаме нашите деца да дојдат, да не гушнат и да ни кажат каде си ми моја мајче, ама нив ги нема“.

Секој имаше да каже по некоја реченица, за детето што не дочекало да се вработи, да положи за автомобил, да го прослави 25 роденден… Многу страници на 63 животи останаа неиспишани.

Како песната од ДНК која вели дека лицето се гледа само на бела хартија, а ниту една буква не излегува, само бели страници…

Надвор во дворот на дигиталната судница во Идризово уште капе по некоја капка ситен дожд. Меѓу големиот број на полициски возила има и возило на Итната медицинска помош, а и едно противпожарно возило. Полека си заминуваме од местото и зад нас ги оставаме молкот и тагата, кој никогаш нема да згаснат. Без оглед колкави казни и да добијат обвинетите за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, овие деца кои загинаа никогаш нема да се вратат.

Нивните родители живеат, како што велат само да им отидат на гробот и да им оддадат почит. Во сеќавање им остана само последната насмевка вечерта пред да заминат на концертот на ДНК каде го издишија последниот здив.

Ги уби неодговорноста на системот и институциите, ги уби фактот што наместо да се работи како треба, се работело зад грб и во молк, за да починат во место кое личи на шупа и кое од магацин стана дискотека или како што вели обвинителот, масовна гробница.

Заминуваме до следното рочиште кое е закажано за следната недела во вторник. А дотогаш сите кои бевме таму, во памет ќе ги носиме очите на родителите кои останаа без своите деца, бидејќи професионалноста на медиумите познава и солзи и сочувствување со загубите, оти пред се, сите сме луѓе и плачеме со исти солзи.

Катерина Додевска 

Фото: Роберт Атанасовски 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ