Сведокот пред судот појасни дека нејзиниот годишен план за инспекциски надзор за 2022 година го опфаќал кафе-барот „Класик“, при што дознала дека постои и подружница кабаре „Пулс“. При извршениот редовен надзор таа констатирала дека првичната фирма веќе не постои.
„Правниот субјект ‘Класик ДМ’ ДОО, на кој е одобрен елаборатот, не работеше, беше нефункционален, односно затворен“, посочи сведокот.
На прашање од одбраната дали, кога утврдила дека овие два деловни објекта работат под друго правно лице под друг назив, се вратила повторно да изврши надзор со оглед на тоа што имала на увид одобрен елаборат за животна средина, инспекторката одговори негативно.
„Тоа се субјекти што немаат влијание врз животната средина, затоа повторно не сум отишла“, рече инспекторката за животна средина.
Во текот на сведочењето таа посочи дека се вршат редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори, а врз основа на дејноста и влијанието врз животната средина, вели, се определуваат субјектите за надзор во годишните планови, кои потоа се носат на потпис кај градоначалникот. Оваа постапка, според нејзината потврда на прашањата од одбраната, претставува само административна процедура.
За вршење вонредни надзори или контрола по лично забележани неправилности при рутински обиколки, инспекторката нагласи дека е потребен налог, кој го издава градоначалникот или секретарот на Општината.
„Обично се оди со усно кажување бидејќи не се констатирани големи прекршувања. Не сум имала големи прекршувања досега и затоа не знам. Мора да имаме налог“, рече инспекторката.
Таа посочи дека кафулињата поднесуваат барање за елаборат до Општината главно поради влијанието на бучавата, но потврди дека досега не добила наложувања за проверка на кабаре-клубови.
Претходно на денешното рочиште, сведочеа преживеани во трагедијата во Кочани, кои пред судот посочија дека пожарот во кабарето „Пулс“ се раширил за 30 секунди предизвикувајќи општ хаос и стампедо кон единствениот излез. Сведоците пред судот го истакнаа она што претходно и други сведоци во постапката го имаат посочено, а тоа е дека пожарот настанал по активирање пиротехнички средства по што настапило стампедо кон единствениот отворен излез.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година и во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се наоѓа во фаза на доказна постапка. Процесот го води судијката Дијана Груевска-Илиевски, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
МИА






