недела, 7 декември 2025

Стружанецот Лушо со својата едрилица од Португалија тргна кон Карибите

Стружанецот Ердал Лушо, кој со својата едрилица чекаше поволни временски услови за да тргне од Портимао, Португалија, кон Карибите, конечно заплови. На картата се гледа каде е во моментов.

Објавено на

часот

Сподели

Тој на неговиот инстаграм профил објави видео во кое вели: „После 4 години спремање, ни останаа 16 часа до старт. Гужва е пред едрилиците, сите се спремаат, возбудени, некои се и загрижени ама ќе биде добро“.

Денеска Португалија ја зафати бурата Клаудија во која загинаа три лица, но веројатно таа не дува во најјужниот дел на Португалија од каде Лушо тргна.

Еве што Лушо пред три дена изјави за МИА.

„Идејата се појави уште во раните денови од мојата кариера. Како што стекнував искуство во едрење и бродоградба, таа идеја постепено се претвори во проект. Денес, конечно го живеам она што некогаш ми беше само сон.

Имаш ли страв од океанот?

– Не би рекол дека ми е страв. Мислам дека ниту една природна сила не е злобна и нема намера да ти наштети — тоа е едноставно природата. Кон неа имам огромна почит и постојано се адаптирам.

Што очекуваш од деновите што следат?

– Очекувам и најтешки и најубави денови. Се надевам дека ќе бидам безбеден, дека ќе пловам што е можно побрзо и дека ќе уживам во нешто што толку долго го очекував.

Кои се најголемите опасности на патеката?

– На почетокот, најголема опасност се орките. Последниве четири години имаат навика да напаѓаат едрилици, што понекогаш завршува фатално за пловилото. Од временски услови — најмногу се плашам од грмотевици. Со ветерот и бранот можам да се разбереме колку-толку.

Како спиеш во текот на регатата?

– Спиењето е едно од најтешките нешта. Колку помалку спиеш, толку побрзо се движиш. Обично спијам 3,5 до 4 часа во текот на денот, поделени во интервали од 20 до 40 минути. Кога нема ветер, можам да спијам и подолго — 60 до 80 минути.

Колку е екстремна оваа регата?

– Многу. Се учествува со минимална опрема и ова е еден од ретките формати каде што се натпреваруваш дури и додека спиеш. Едрилицата никогаш не запира. Досега само 14 учесници успеале да ја завршат според правилата, а воопшто, со 5-метарска едрилица, само 49 луѓе самостојно го имаат преминато океанот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ